Американскиот претседател Доналд Трамп им постави ултиматум на членовите на Хамас: до недела вечер да го прифатат американскиот мировен план за Газа или да се соочат со „пекол каков што никој досега не видел“, јавува Би-Би-Си.

Во објава на платформата Трут соушал, Трамп соопшти дека договор мора да се постигне до 18:00 часот по Вашингтонско време (22:00 по Гринич) во недела. Планот предвидува итен прекин на огнот и ослободување на 20 живи израелски заложници, како и предавање на телата на убиените заложници во рок од 72 часа во замена за стотици Палестинци затворени во Израел.

Мировниот план, кој содржи 20 точки и е договорен помеѓу Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, беше објавен во понеделникот во Белата куќа. Планот исто така предвидува Хамас да нема никаква улога во идното управување со Газа, а остава отворена можноста за создавање палестинска држава.

Сепак, само неколку часа по објавувањето, Нетанјаху повторно ја потврди својата цврста позиција против создавање палестинска држава: „Тоа не е наведено во договорот. Ние јасно кажавме дека сме силно против“, изјави тој во видео обраќање.

Според извори на Би-Би-Си, медијаторите успеале да воспостават контакт со водачот на военото крило на Хамас во Газа, кој изразил несогласување со предложениот план за прекин на огнот. Дел од политичкото раководство на Хамас во Катар, пак, се отворени за преговори, но немаат реална контрола врз заложниците.

Главна пречка за прифаќање на договорот е барањето сите заложници да бидат предадени во првите 72 часа со што Хамас би го изгубил својот единствен преговарачки адут.

Се верува дека во моментот во Појасот Газа се држат 48 заложници, од кои само 20 се сметаат за живи.

Трамп предупреди дека доколку не се постигне договор, САД ќе ја поддржат Израел „да ја заврши работата“ против Хамас. „Ќе има мир на Блискиот Исток, на еден или друг начин“, напиша тој.

Во меѓувреме, израелската армија продолжува со офанзивата во градот Газа. Израелскиот министер за одбрана изјави дека војската го „стега обрачот“ околу градот, во обид да ги ослободи преостанатите заложници. Илјадници жители се принудени на евакуација, но стотици илјади остануваат блокирани без безбедно прибежиште.

Во последните 24 часа, според податоците на Министерството за здравство под контрола на Хамас, загинале уште 63 луѓе. Вкупниот број на жртви од почетокот на воената офанзива во октомври 2023 година достигна над 66.000.