Доналд Трамп го помина својот прв ден како новоизбран претседател добивајќи телефонски повици со честитки од неговата поразена противничка, од светските лидери, но и од претседателот во заминување Џо Бајден, пренесе агенцијата Асошиејтед Прес.
Трамп се држеше настрана од очите на јавноста и медиумите откако им се обрати на поддржувачите во Флорида вчера во раните утрински часови.
Камала Харис го повика Трамп да ја заврши трката, да го признае поразот и да му честита. Претседателот Џо Бајден го покани во Белата куќа на состанок во Овалната соба за да се подготви за предавање на позицијата.
„Претседателот Трамп со нетрпение ја очекува средбата која ќе се одржи наскоро, и многу го ценеше повикот“, изјави директорот за комуникации на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг.
Шефот на кабинетот на Бајден, Џеф Зиентс, подоцна во средата го поттикна тимот на Трамп да ги потпише потребните федерални договори неопходни за започнување на уредна претседателска транзиција, изјави претставник на Белата куќа.
Зиентс контактираше со Хауард Лутник и Линда Мекмахон од тимот за транзиција на Трамп, за да ја повтори важната улога што ја играат договорите со Белата куќа и Управата за општи служби во почетокот на претседателската транзиција. Службеникот на Белата куќа зборуваше под услов да остане анонимен за да разговара за чувствителното планирање на транзицијата.
Евентуално одложување на процедурата би ја закочило способноста на федералната влада да започне со обработка на безбедносните сертификати за потенцијалните назначени лица за национална безбедност на администрацијата на Трамп.
Белата куќа објави дека Бајден разговарал со новоизбраниот претседател и ја изразил својата посветеност да обезбеди непречена транзиција, истовремено нагласувајќи ја важноста да се работи за обединување на земјата.
Бајден, исто така, ја повикал и Харис да ѝ честита за нејзината кампања. Трамп и Харис, исто така, разговарале телефонски при што новоизбраниот претседател „изразил почит кон Харис за нејзината храброст, професионализам и истрајност во текот на кампањата, и двајцата лидери се согласија за важноста од обединување на земјата“, според портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг.