Твитер е несомнено омилената социјална платформа на претседателот на САД, Доналд Трамп. Во последните неколку денови, по поднесеното барање за негов импичмент, на неговиот Твитер профил Трамп има објавено 100-тина твитови и ретвитови. Во овие негови објави тој на своите следачи им објаснува за разговорот со украинскиот претседател и споделува твитови од неговите поддржувачи.

Сепак она што најмногу ја привлече светската јавност е тоа што американскиот претседател споделил твит од профил кој се вика Trump But About Sharks, бот профил кој го исмева Трамп со тоа што ги зема неговите твитови и со помош на замена на зборови прави да изгледа дека претседателот зборува за ајкули. Во објаснувањето на профилот се вели дека причината зошто го направиле овој акаунт затоа што, наводно, Трамп мразел ајкули.