Претседателот на САД, Доналд Трамп, во обраќање во неделата попладне соопшти дека ги продолжува федералните мерки за самоизолација до 30 април, иако до пред кратко време изразуваше намери да ги укине мерките до 12 април.

САД во моментот е прва на листата по бројот на заразени со новиот корона вирус, со потврдени над 143.000 заболени и со околу 2.500 починати.

Претседателот на САД порача дека дејствијата на властите може да се сметаат за успешни ако бројот на жртвите не надмине 200.000.

– Размислете за таа бројка: 2,2 милиони луѓе можеа да умрат ако не направивме ништо. Ако можеме да ја намалиме таа бројка до 200.000, тогаш, колку и да е ужасна оваа бројка, тоа ќе значи дека сите ние добро сме си ја завршиле работата – рече тој.

Трамп порача и дека врвот на смртни случаи како последица од новиот корона вирус се очекува за две седмици, а се очекува враќање на состојбите во нормала на 1 јуни.

На сите Американци им беше порачано да избегнуваат собирања, да работат од дома и да не посетуваат угостителски објекти.