Членовите на ад хок телото за следење на медиумите во предизборниот период по сопствено убедување ќе одлучуваат дали известувањето на медиумите ќе биде избалансирано во овие 80 дена до почетокот на изборната кампања, вели директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.
Трајчевски вели дека разликата меѓу методологијата донесена на 26 август, која потоа беше укината, и онаа од јануари, која беше вратена на сила со договорот меѓу политичките партии потписнички на Договорот во Пржино, е во тоа што во актуелната методологија нема дефинирано критериуми за тоа што значи избалансирано известување 80 дена пред избори и „дали некој медиум ќе известува изблансирано или не се остава на волја на членовите на ад хок комисијата“.
„Не е возможно да има надзор без квантитативна и квалитативна анализа, ние ќе правиме и квалитативна анализа, но како што кажав, за овие 80 дена пред почетокот на изборната кампања, параметрите за тоа што значи, односно правилата за тоа што значи избалансирано известување не се дефинирани ниту во законот, ниту во оваа методологија, бидејќи партиите сакаа да биде така и како што кажав – дали известувањето на медиумите ќе биде избалансирано ќе одлучуваат по свое сопствено убедување членовите на ад хок телото“, вели Трајчевски.
Според него, оваа ситуација во „малку незавидна“ положба ги става медиумите.
„Тоа ги става во малку незавидна положба медиумите, бидејќи не постојат правила, коишто, за жал, во претходната методологија, која партите бараа да ја укинеме, беа дефинирани. Медиумите имаа јасна претстава, ги знаеја правилата и знаеја како треба да се однесуваат. Со ваквиот договор во најтешка положба се ставени медиумите бидејќи за овие 80 дена во делот на избалансираноста не постојат критериуми. За време на изборната кампања принципот за избалансираност е законски утврден и во тој период ниту агенцијата, ниту ад хок телото нема да има проблем да дефинира кои медиуми известувале, односно не известувале избалансирано“, појаснува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Ад хок телото за следење на медиумите пред три дена ја донесе својата прва одлука, односно поднесе предлог за изрекување прекршочна казна за Првиот програмски сервис на Македонската радиотелевизија (МРТ 1), поради емитување на владини реклами.