Повлекувањето на персоналот од амбасадата на Србија во Македонија е сценарио за дестабилизација на Балканот од пошироки размери, каде се испреплетуваат геостратешките интереси на повеќе центри на моќ, сметаат од Демократскиот сојуз.

Од партијата на поранешниот пратеник и министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, велат дека со овој непромислен, избрзан и неавтентичен акт на Србија, главната цел е да се блокираат евроатланските процеси на Македонија и да се спречи или забави приемот на земјата во НАТО и почетокот на преговорите за влез во Европската Унија.

„Повеќе од сигурно е дека Србија со поддршка од странство е ‘вовлечена’ во оваа непромислена авантура, која има поткрепа и од политички структури во Македонија. Македонија треба да се воздржи од реципрочни мерки и да се залага за продлабочување на соработката со Република Србија и при тоа, да не отстапува од нашите национални, државни и стратешки интереси за членство во НАТО и во ЕУ“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека наводните офанзивни разузнавачки активности можеби се резултат на добро смислена стратегија со „поддршка и инволвираност на припадници на безбедносни служби во Македонија, кои не се сложуваат со политиката на новата Влада и реформите кои се одвиваат“.