Традиционално по 9-ти пат се трчаше Авицена Женска трка

Фото: Идеа лаб

Сојузот на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје, денес го одржа деветтото издание на Авицена Женската трка. Како низ годините, така и денес, учесничките успеаа да го исполнат Градски Парк и Град Скопје со спортски дух и позитива. Трката се трчаше според протоколот и препораките одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, соопштија организаторите.

„Горда сум дека веќе 9-та година по ред успеваме да мотивираме голем број на жени, љубители на спортот, да излезат и да трчаат во името на здравиот живот“, изјави Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје.

Учесничките во трката трчаа 3 километри, а стартот и целта на трката беа во Градски парк, на крајот на вториот дел, позади бараките на ЈП „Паркови и зеленило“, во близина на памп трак полигонот.

Оваа година, од вкупниот број учесники прва до целта пристигна Биљана Кираџиева за 11 минути и 4 секунди, второто место ѝ припадна на Душица Јанковиќ со 12 минути и 6 секунди и на трето место се најде Вера Урдаревска, која ја истрча патеката за 12 минути и 14 секунди.

Покрај наградените први три учеснички, награди добија и најдобрите натпреварувачки во 7 одделни возрасни категории во кои беа поделени учесничките.