Традиционална модна ревија на ТМФ – „Иднината е одржлива“, порачаа студентите (ГАЛЕРИЈА)

Модна ревија ТМФ
фото: ТМФ

Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ ја одржа традиционалната, дваесет и прва по ред, модна ревија на студентите на студиската програма дизајн и инженеринг на облека. Годинава, поради ситуацијата со пандемијата, ревијата се одржа во видео-форма под мотото „Иднината е одржлива“.

Студентите под раководство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева ја интерпретираа оваа тема со нивните креации изработени од материјали кои можеле да ги најдат во архивата на факултетот, во плакарите на нивните мајки, со редизајн на плетенините на нивните баби, со рачно фарбање на природни бои, со реупотреба на „винтиџ“ облека и со разни други идеи кои значат нов и одговорен однос кон облеката и дизајнот во иднината.

„Околностите со кои се соочува целиот свет нѐ насочува да бараме нови алтернативни начини за прикажување на нашата креативност. Цврство веруваме дека и во вакви услови ќе имаме успех и дека секој од нас ќе понесе нови знаења и идеи“, велат од Технолошко-металуршкиот факултет.

Кристијан Арсовски е еден од студентите чии креации можеа да се видат на годинешната ревија на ТМФ. Тој вели дека учеството на ревијата дошло како екстензија на креативноста и интроспекцијата на темата „одржливост“ која веќе била присутна. Арсовски, заедно со уште неколку колешки, бил дел и од финалистите на еко-ревијата која неодамна ја организираше Британската амбасада во Скопје.

„Мојот дизајн е инспириран од нирваната која што ни ја нуди секојдневието и „обичните“ професии. Во архивата на ТМФ усепав да ги најдам потребните материјали кои беа соодветни на мојата замисла. Останатото беше алхемија на процесот надциклирање“, објаснува Арсовски.

Модна ревија ТМФ
Креацијата на Кристијан Арсовски / фото: лична архива

Сите сме свесни, иако не сакаме да признаеме, вели тој, дека визуелната иновација во модата го има достигнато својот крај веќе одамна.

„Секоја нова колекција е дежа ву. Одржливоста е иднината на модата“, смета младиот дизајнер.

Тамара Богдановска ја завршува четвртата година на ТМФ и вели дека како студенти со ревијата имале за цел да ја подигнат еколошката свест кај луѓето. Нејзините креации биле инспирирани од морето, а за нивна реализација користела материјали од текстилни фабрики.

„Со одржливата мода драстично се намалува текстилниот отпад. Секако дека индустриите можат да допринесат до подигање на еколошката свест, но најмногу може да направи човекот, сам како поединец. Секој може да обнови некое парче облека од својот гардеробер со својата креативност и да направи нешто ново и уникатно на свој начин“, вели Богдановска.

Професорката Георгиева појаснува дека тематската ревија е дел од секој летен семестар на Технолошко-металуршкиот факултет, а се одржува по повод роденденот на факултетот. Резултатите на студентите ги оцени како одлични и вели дека е извлечен максимумот што бил возможен поради тоа што целиот изминат семестар наставата се одвивала онлајн. Вели дека процесот на дизајнирање започнува со истрага и создавање на првични скици, кои потоа полека прераснуваат во зрели идеи.

„Дел од студентите прекројуваа постоечки „винтиџ“ дизајни, дел од нив експериментираа со фарбање со помош на разни растенија, некои користеа материјали кои ги имаа дома, некои учеа да плетат, идејата беше да поминат низ едно искуство кое ќе им покаже дека за да создадеш нешто можеш да го користиш тоа што веќе го имаш, не мора да инвестираш големи средства“, објаснува професорката и модна дизајнерка Георгиева.

Одржливоста е една од најактуелните теми во модната индустрија во последните неколку години. Георгиева вели дека е неопходна промена во начинот на кој модата се пласира, но и конзумира.

„Модата е еден од најголемите загадувачи на планетата и промената на начинот на кој работи оваа индустрија не е прашање на избор, туку е едноставно обврска којашто мора сите да ја почитуваат. Но тука не се работи само за навиките на производителите и на дизајнерите, се работи и за едуцирање на пошироката публика, односно за потреба од свесна промена на начинот на којшто ја конзумираме модата. Неопходно е да се пласираат одговорни производи, но исто толку е важно и да купуваме одговорно. Не е возможно да постои едното без другото“, истакнува Георгиева.

Видео-шоуто годинава беше поделено во три дела: „Природа и архитектура“, „Боите на градот“ и „Скоцкај се“.