Тошковски: Седум полициски службеници осомничени за креирање на лажната лиценца на дискотеката во Кочани

Со потпишување документи и одобрување позитивна согласност, му овозможиле на кабарето да добие дозвола за работа, иако не исполнувало услови, изјави Тошковски

Фото: Скриншот од пренос во живо на „ТВ21“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешното обраќање за медиумите изјави дека лажната лиценца издадена на дискотеката „Пулс“ не е единствена и дека има најмалку уште една. За издавање на таа лицена осмничени се седум полициски службеници кои помогнале при креирање на лажната лиценца на дискотеката во Кочани.

„Со потпишување документи и одобрување позитивна согласност, му овозможиле на кабарето да добие дозвола за работа, иако не исполнувало услови“, изјави Тошковски.

Министерот потенцираше дека осомничените предизвикале значителна опасност за луѓето и имотот. Со тоа му овозможиле на локалот да работи во супстандарни услови.

„Одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кое лажно се наведува дека кабарето ги исполнува законските услови, без да биде извршена реална проверка. Изработиле телеграма во која не навеле точни и целосни податоци, иако имало пријави за нарушен јавен ред и мир во близина на кабарето“, додаде Тошковски.

Министерот изјави дека досега се приведени 26 лица, но списокот не завршува тука. Бројката уште повеќе ќе се зголемува се до разрешување на случајот.