Тошковски: 59 починати во пожарот, од нив 35 се веќе идентификувани

Бројката на повредени деца се искачи на 155 лица

Фото: МВР

Педесет и девет лица загинале во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од кои и еден полицаец на службена должност кој работел на откривање присуство на малолетни лица и дрога во објектот, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од нив идентификувани се 35, од кои 31 се од Кочани и четири од Штип, а меѓу нив има и малолетни. Бројката на повредени деца се искачи на 155 лица. Тошковски рече дека Министерството започнало и со разговори со повредените кои се контактибилни и дека досега се земени изјави од над десет деца во скопските болници и со еден од членовите на бендот ДНК.

„Распишана е централна потерница по четири лица. Во координација со ЈО и Министерството за економија се испитува и документацијата за дозволите на дискотеката“, рече Тошковски, но засега не откри дали и колкумина се веќе приведени. Тој најави дека ќе се анализира и градежно-техничката документација за објектот, условите за работа за време на настанот, обезбедувањето и друго.