Топ три причини зошто да присуствуваш на „е-Општество.мк“

На 6 декември започнува осумнаесеттото издание на меѓународната конференција „е-Општество.мк“ кое годинава се фокусира на темата „Сајбер отпорност за слобода и безбедност“. На оваа конференција, фондацијата „Метаморфозис“ ќе собере локални и странски експерти, новинари, активисти, државни службеници и други релевантни општествени чинители кои ќе зборуваат за приватноста и безбедноста во дигиталната ера, како и за поттикнување и негување на едно кибер-отпорно општество.

Дигитализацијата во сите сфери, без исклучок, е ефикасен механизам за подобрување на благосостојбата на граѓаните. Но, огромната брзина на промените во полето на технологијата носи свои предизвици, па дури и закани за безбедноста на луѓето, општеството и демократијата. Затоа е важно граѓаните да бидат информирани и свесни за ризиците и да научат како тие самите да станат отпорни на технолошките закани што ги демнат онлајн, но и на улица.

На дводневниот настан експертите и познавачите на состојбите ќе ги споделат своите ставови и размислувања за создавањето сајбер отпорност.

Во продолжение издвојуваме три главни причини зошто да присуствувате на 18-тата конференција „е-Општество.мк“:

1Ќе научиш повеќе за контроверзиите околу дигитализацијата, сајбер безбедноста, надзорот и биометриската обработка на податоци

Во текот на дводневната конференција ќе имате можност да присуствувате на низа предавања и дискусии и да бидете сведок на говорите на истакнати локални и странски експерти, локални новинари, политички претставници и други општествени чинители.

На 6 декември, првиот ден од „е-Општество“ ќе се дискутира за Дигиталната агенда на ЕУ за Западен Балкан и за тоа како да се продолжи со реформите во поглед на дигитализацијата во сите општествени сфери.

На посебна сесија, свој говор ќе има и Љубица Пендаровска, една од највлијателните жени во Европа во областа на кибер безбедноста, која ќе се фокусира токму на учеството на жените и девојките во оваа сфера.

Покрај тоа, ќе научите и на кое ниво е кибер безбедноста во Западен Балкан.

На вториот ден од конференцијата, пак, ќе се дискутира за надзорот и биометриската обработка на податоци, при што ќе бидат покренати повеќе загадочни и контроверзни прашања во однос на масовниот надзор на граѓаните.

2Ќе разбереш како лесно се манипулира со вистината и како тоа влијае врз тебе и демократијата

Фото: Mikhail Arefiev на Unsplash

Дезинформациите и лажните вести се поими кои во последно вреќе се среќаваат многу често. Но, колку и на кој начин всушност влијаат тие врз граѓаните и демократијата во Северна Македонија, во регионот и во светот? Што сакаат да запомтите и во што да почнете да верувате, оние што шират пропаганда и дезинформации? Како вешто се манипулира со вистината? На овие прашања одговор ќе дадат експертите и познавачите на темата на сесиите посветени на дезинформациите.

3Бесплатна проекција на филм и дискусија

Годинешната конференција „е-Општество.мк“ ќе биде затворена со сесија за млади, која ќе започне со бесплатна проекција на филмот „Сестри“, првиот и единствен македонски филм на стриминг платформата Нетфликс. Тема која се обработува во филмот е сајбернасилството, што ќе биде во фокус и на дискусијата која ќе следи по проекцијата, а на која ќе зборуваат режисерката на филмот Дина Дума и психологот Радмила Живановиќ.

Конференцијата „е-Општество.мк“ започнува за две недели отсега, а сите оние кои се заинтересирани за присуство на некоја од сесиите можат да го пополнат формуларот достапен на овој линк.

Младите, пак, кои сакаат да присуствуваат на последната сесија на која ќе биде прикажан филмот „Сестри“ е потребно да се пријават и да си обезбедат бесплатен билет преку овој формулар.

Целосната агенда за осумнаесеттата интернационална конференција може да се најде овде.