Томшиќ: Учениците помалку да играат видео игри, повеќе да учат на дигиталните уреди

Фото: Sean Do on Unsplash

Родителите да ги поттикнуваат учениците наместо да играат видео игри, да ги користат дигиталните уреди за учење, вели Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука (МОН). Според него, она што треба сите да го знаат кога зборуваат за новата Концепција на образование, во случајот за четврто одделение, е тоа дека учебникот не е единствениот извор на стекнување на знаењата.

– Независно дали се користат дигитални или печатени учебници во фокусот на наставата треба да е интеракцијата помеѓу наставникот и ученикот, настава со истражување, дискусија и креативно и критичко размислување, бидејќи само на овој начин можеме да постигнеме подобри резултати. Тоа е и целта на новата Концепција учење со разбирање, а не меморирање на факти. Ги повикувам родителите да ги поттикнуваат учениците да ги користат дигиталните материјали за учење затоа што таму има интересни интерактивни содржини, квизови и видеа кои низ игра го поттикнуваат учењето кај децата – вели тој.

Според него, учениците дело од времето треба да го поминат во „пролистување на содржините на дигиталните учебници“, наместо да играат видео игри на компјутерите. Томшиќ смета дека новата концепција на МОН успешно се спроведува во сите училишта во државата.

– Од она што го добиваме како информации директно од терен од наставниците, учениците и директорите на училиштата за сега реформата се спроведува спроед предвидената динамика и планот, без никакви потешкотии. Училиштата навреме ги добија потребните интерактивни табли, нагледни средства и дидактика кои се предвидени со наставната програма. Исто така учениците навреме ги добија учебниците. Преку апликација се спуштени на нивните уреди – рече Томшиќ.

Од МОН информираат дека за децата кои се социјално ранливи семејства обезбедени се 10.000 таблет-компјутери кои им се даваат на користење, со цел на секое дете да му се обезбеди пристап до новите технологии и практикување на дигитални содржини. МОН испечати 20 отсто од тиражот на учебниците за 4 одделение и тие се доставени до училишните библиотеки.

– Овие учебници во печатена форма се наменети за учениците кои за жал немаат електрична енергија – велат во МОН.