Тодрик Хал (Todrick Hall) е еден од најголемите уметници на дигиталната ера чии видеа оваа година го донесоа до награда на VMA видео наградите. Тодрик моментално настапува во неколку Бродвеј претстави, а има соработувано со суперѕвезди како Тејлор Свифт и Бијонсе.

До пред 10-ина години единствен начин да се стане било каков уметник, пеач, глумец, потребно беше да те открие некоја продуцентска куќа, да имаш менаџер, да поминеш преку еден куп кастинзи итн. Денеска сè уште постои овој традиционален кариерен пат, но сè почесто и почесто сме сведоци на луѓе кои го споделуваат својот талент на социјалните медиуми и се стекнуваат со светска слава. Тодрик е одличен пример за ова, во раните денови на својата кариера тој се обидел да чекори по традиционалниот пат, во 2010 година се пријавил на американскиот Идол каде што влегол во финалето, но брзо испаднал од конкуренција. Неговиот талент бил на кратко забележан и од менаџерот кој го открил Џастин Бибер, кој сепак одлучил дека Тодрик не е доволно добар.

Во тој период Тодрик го прикачува своето прво YouTube видео, аматерска снимка како ја пее неговата нарачка во Мекдоналдс, видеото за кратко станува вирално. Тодрик тогаш го препознава потенцијалот на оваа платформа и почнува активно да прави и прикачува креативни видеа. Популарни песни обработени на уникатен начин пропратени со видео записи со интересни концепти, ексцентрични костими и комични елементи се покажаа како победничка комбинација во Јутуб светот. Видеата се често инспирирани од Дизни, но тој пишува и изведува и своја авторска музика.

Неговите видеа добиваат по десетици милиони прегледи, а го привлекуваат вниманието и на најголемите ѕвезди. Во 2011 година Тодрик објавува видео од флеш моб во кој тој и група танчери играат во супермаркет на песна од Бејонсе. Ова видео доаѓа до очите на Бејонсе по што таа на својот официјален Јутуб канал го објавува следното видео, во кое јавно му се заблагодарува и вели дека е ипресионирана од неговиот талент. Во видеото Бејонсе се прашува дали тој ја направил кореографијата за флеш мобот, по потврдниот одговор таа го ангажира да кореографира и да се појави во едно од незините следни музички видеа.

Во 2013тата едно од неговите попознати видеа е и видеото за авио компанијата Вирџин Америка кое се емитувало пред секој лет. Тој продолжува да објавува видеа со се поголем и поголем продукциски квалитет. Во 2015тата објавува видео во кое прави обработка на најпознатите песни од Тејлор Свифт. Тејлор го гледа видеото и го објавува на својот твитер профил, по што го поканува зад сцената на незината тогашна турнеа. Тејлор и Тодрик брзо стануваат најдобри пријатели. Тодрик се појавува во нејзиното фамозно видео за Look what you made me do, а Тејлор раскажува дека токму Тодрик ја инспирирал да направи ваква песна и спот и го поканува да биде дел и од нејзиното ново видео за You need to calm down. Тодрик не само што се појавува во видеото туку максимално се вложува во продукцијата на видеото, по што Тејлор го назначува за ко-продуцент на видеото. Заедничката работа на овие најдобри пријатели се покажа како добитна комбинација бидејќи видеото доби две награди на последните VMA награди за музички видеа кои се одржаа на крајот на Август. Видеото доби награда за видео на годината и видео за добра цел (бидејќи е видео кое ја прославува ЛГБТ+ заедницата), при што Тејлор му одстапи на Тодрик да ја прими наградата и да одржи говор.

Во меѓувреме Тодрик има одржано неколку светски турнеи и издадено два визуелни албуми од рангот на Lemonade (Лимонада) на Бејонсе. Неговите албуми се со силни социјални пораки и вистински ремек дела. Првиот албум се вика Straight Outta Oz (Директно од Оз) во кој Тодрик преку музика ја раскажува својата приказна, растејќи како геј афро-американче и неговите обиди да успее во музичката индустрија, сето тоа преплетено во преработка на приказната за Волшебникот од Оз. Вториот албум се вика Forbidden (Забрането)  во кој ни претставува еден паралелен универзум во кој се заменети улогите и белците се ставени во позицијата на афро-американците, а геј луѓето се ставени на позиција на стрејт луѓето. Одлични концепти и визуелни албуми кои се вистински уметнички дела и навистина вреди да се погледнат.