fbpx

Тодоров: Објавен најголемиот тендер за набавка на 606 лекови за потребите на ЈЗУ

-

Министерството за здравство го објави веројатно најголемиот тендер досега за набавка на 606 лекови за потребите на јавните здравствени установи во земјава. Набавката е веќе објавена на електронскиот систем за јавни набавки, како и со меѓународна објава во официјалното списание за јавни набавки на ЕУ.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство, Никола Тодоров, кој рече дека идејата е да има што е можно поголема конкуренција и во една транспарентна постапка да се заврши една од најголемите набавки спроведени досега, со 606 делови, односно секој еден лек е посебен дел на набавката.

Според Тодоров, Министерството ја почнало постапката за набавка, а сега веќе се завршени сите процедури до нејзина објава, односно завршен е техничкиот дијалог и добиена е согласност од Советот за јавни набавки, по што ќе следи и прибирање понуди, нивно јавно отворање, евалуација и електронска аукција, која ќе трае, како што смета министерот, 40 дена, по што ќе следи избор на најповолен понудувач, односно понудувачи.

– Набавката поаѓа од најниска цена постигната во секоја јавна здравствена установа. Ги анализиравме цените на сите овие 606 лекови во сите јавни здравствени установи во земјава и констатиравме дека во различни здравствени установи цената на истите лекови е различна. Тоа значи дека во една установа еден ист лек се набавувал поевтино, а во друга поскапо. Во голема мера тоа зависи од количеството. Како резултат на тоа, одлучивме да направиме централна набавка, да направиме единствена набавка за сите лекови за сите јавни здравствени установи – нагласи Тодоров.

Тој појасни дека добивката ќе биде во тоа што на тој начин ќе се постигне најниската цена што е досега постигната на пазарот во Република Македонија за еден конкретен лек и таа ќе важи за сите јавни здравствени установи што имаат потреба од тој лек, што ќе резултира со сериозни заштеди во системот. Доколку и никој не ја намали цената на електронска аукција, според Тодоров, цените ќе останат идентични со првично понудените цени, а заштедата што Министерството ја проектира е околу три милиони евра, кои ќе бидат прераспределени за други намени.

– Со претходниот ваков централен тендер, кој го спроведовме на двата најфреквентни и двата најскапи лекови во здравствените установи, направивме заштеда од околу шест милиони евра, што резултираше со зголемување на платите за 25 проценти на докторите-специјалисти вработени на терцијарно ниво, имајќи предвид дека најголемиот дел од заштедата беше направена во скопските клиники – рече Тодоров.

Тој очекува дека по завршувањето на оваа тендереска процедура ќе можат да обзнанат колкава е заштедата и потоа како ќе бидат прераспределени тие средства, односно за што ќе бидат пренаменети во здравствениот систем.

– Да потсетам дека од заштедите од инсулинот, околу 3,5 милиони евра, беше одлучено да се направи реновирање на Клиничката болница во Битола, Општата болница во Прилеп, да се направи ургентен центар во Куманово, да се набави опрема во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ и да се набават шест мамографи за шест здравствени установи во Република Македонија. Сите овие постапки се веќе почнати – додаде министерот Тодоров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.