Набавените 69 возила на итната медицинска помош, до кои се сликаше Никола Тодоров, немаат приклучок за инкубатор за бебиња, па бебињата за кои е потребна итна интервенција се превезуваат со стари возила кои често се расипуваат, обвинија денеска од СДСМ.

– Откако завршија два човечки животи во возило на итната медицинска помош, кое се расипа на патот од Крива Паланка кон скопските клиники, деновиве во ризик е доведен и живот на бебе! Според информациите што ги имаме, од Охрид кон Скопје било превезувано бебе во старо возило на итна медицинска помош, кое се расипало на Стража. Поради тоа бебето на Стража било префрлено во друго возило на итната помош. Во старо возило на итна помош и завчера било пренесувано друго бебе, исто така од Охрид кон Скопје – изјави денеска на прес-конференција пратеничката во Собранието и претседател на комисијата за здравство на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Таа истакна дека ова е уште еден доказ за несовесните политики во здравството, кои, како што рече, мора да бидат спречени.

– Несоодветните возила на итната помош за коишто се дадени милиони евра пари на граѓаните и негрижливото одржување на возилата уште еднаш покажуваат дека Никола Тодоров беше министер за тендери, а не за здравство. Тодоров, Груевски и нивните соработници наштетија на граѓаните и го доведоа во ризик нивното здравје. Во програмата на новата реформска влада, здравјето на граѓаните е врвен приоритет – рече Шахпаска.

Од охридската болница за „Телма“ потврдиле дека овој месец имале два случаи во кои бебиња биле префрлени од Охрид во Скопје, но негираат дека возилата со кои биле пренесувани бебињата се расипале по пат.