Бројот на хоспитализирани и на третирани пациенти на Државната клиника за кардиохирургија досега е двојно поголем од вкупниот број паценти минатата година, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
– Тоа докажува дека Државната кардиохирургија е на одличен глас кај пациентите и тие сè повеќе ѝ веруваат и одбираат да бидат третирани на Државната кардиохирургија на Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје – рече Тодоров.
Тој посочи дека проектот одлично функционира и дека клиниката се развива подобро од очекуваното, како и дека постојано има нови достигнувања и освен кардиохируршки интервенции, се прават васкуларни процедури.
– Честитки на докторите за одличната работа и за посветеноста, за многуте спасени човечки животи и за ентузијазмот што го покажуваат, но и за посветеноста за понатамошен развој на клиниката – рече Тодоров.
Нагласи дека на клиниката се помага на различни категории пациенти, додека најмладиот опериран пациент е на 20 години, кој е третиран и веќе отпуштен од клиниката во добра состојба.