Фото: Здружение на новинари на Македонија

Откако вчера новинарска екипа на телевизија 24 беше нападната вербално и физички додека снимала инсерти на улицата во која според избирачки список живее Олександр Онишченко, денеска нападот уште еднаш беше осуден од Здружението на новинарите. Еден ден после нападот, утрово во дворот на новинарот Александар Тодески било фрлено јајце на неговиот автомобил.

Тој во изјава за медиумите денеска кажа дека е чудно тоа што многу лесно може да се дознае каде медиумските работници живеат, престојуваат и излегуваат.

„Она што исто така е опасно, би рекол, е тоа што денеска е јајце, утре може да биде камен. Пораката што ја испратија е дека можеби тука треба да престанеме со нашата работа, но секако дека нашата работа не го дозволува тоа и нашата совест не го дозволува тоа“, рече Тодески.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека треба да се преземат мерки бидејќи овие напади може да продолжат и понатаму.

„Сето ова може да продолжи и понатаму. Затоа бараме под итно, уште во наредните денови овој случај целосно да се разреши, а дополнително да се процесуира и случајот во којшто е атакувано по имотот на колегата Александар Тодески“, изјави Чадиковски.

Овие настани ги осудија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Оттаму сметаат дека нападите врз медиумските работници претставуваат сериозни повреди на основните човекови права и слободи кои истовремено го загрозуваат правото на информирање на граѓаните и ја ограничуваат јавната дискусија која е во сржта на секоја плуралистичка демократија.

Инаку утрово полицијата го приведе насилникот што нападна снимател на ТВ 24.

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје вчера вечер го лишија од слобода М.П. (67) од Скопје, постапувајќи по пријава од снимателот Љубиша Игнатов, кој вчера беше физички нападнат од него околу 14.20 часот на ул. „Пржино“ во Скопје.

„Веднаш по добиената пријава, од страна на полициски службеници од ЕНК при СВР Скопје преземени се мерки и активности и напаѓачот е лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна постапка. За настанот е известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, а по извршената консултација и добиените насоки од јавен обвинител, против М.П: ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „Насилство“ по чл. 386 од КЗ“, информираат од ЗНМ.