Лидерот на владејачката Комунистичка партија на Виетнам, То Лам, е избран за претседател на државата, со што стана најмоќниот политичар во една од најбрзорастечките економии во светот, пренесува Фајненшл Тајмс.
Националното собрание во вторникот го избра Лам за претседател со мандат од пет години. Тој ја извршува функцијата генерален секретар на Комунистичката партија од август 2024 година, а партиското раководство во јануари одлучи да остане на таа позиција.
Со тоа, 68-годишниот Лам стана првиот виетнамски лидер кој истовремено е и партиски лидер и претседател на државата, со што дополнително се консолидира контролата врз партијата и државниот апарат. Оваа структура потсетува на моделот во Кина, каде што Си Џинпинг е и лидер на Комунистичката партија и претседател на државата.
По полагањето заклетва, Лам изјави дека двојната функција претставува „голема чест и света одговорност“. Како партиски лидер, Лам веќе иницираше серија реформи во јавниот и приватниот сектор со цел да се забрза економскиот раст во Виетнам, кој е значаен производствен центар во регионот и важен дел од глобалните синџири на снабдување.
Виетнам функционира со колективен систем на раководење составен од четири функции: генерален секретар на партијата, претседател, премиер и претседател на Националното собрание.
Меѓу реформите што ги најави Лам се намалување на државната администрација преку спојување на некои провинции и намалување на бројот на министерства, што веќе доведе до губење на работни места за илјадници луѓе.
Тој исто така предложи законски измени со кои приватниот сектор треба да стане „најважна сила“ во економијата. Целта е да се поттикне растот, да се намали зависноста од странски инвестиции и земјата до 2045 година да стане развиена економија.
Во последните години Виетнам стана важна дестинација за производители кои го преместуваат производството од Кина поради растечките геополитички тензии меѓу САД и Пекинг.
Сепак, овој инвестициски бум ја зголеми и зависноста на Виетнам од американскиот пазар, на кој отпаѓа речиси една третина од извозот на земјата. Ранливост стана очигледна минатата година кога Трамп, воведе царини за виетнамските производи.
Виетнам во голема мера зависи од увоз на сурова нафта од Блискиот Исток, но снабдувањето е нарушено поради конфликтот. Поради тоа властите воведоа мерки за рационализација на енергијата и користат резервни фондови за субвенционирање на цените на горивата.
