Фото: Влада на РСМ

Нови мерки за унапредување на концептот на дуално образование, според потребите на компаниите и поддршка на иницијативата на Институтот за менаџмент и бизнис Хајлдеберг за воведување на германски модел на едукација во земјава, најави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски. На отворањето на панел дискусијата посветена на „Германското дуално образование и врската со бизнис секторот“, во рамките на „Балканска бизнис недела“ организирана од Институтот, Деспотовски порача дека со новиот концепт на работа на ТИРЗ, со таргетирани мерки и програми, земјава ќе се надоврзе на концептот на дуално образование.

„Овие мерки ќе донесат, не само стабилни работни места туку и повисоки плати за наши сограѓани, особено за младите што верувам дека ќе биде јасен мотив тие да останат во земјава и тука да ја градат својата иднина“, рече тој, и изрази поддршка за иницијативата на Хајделберг Институт за отворање на германска гимназија во Скопје. „Очекувам тоа да прерасне во нова образовна институција која ќе биде дополнителен спој меѓу формалното македонско образование и потребите на компаниите во ТИРЗ за работните места кои им се неопходни“, посочи Деспотовски.

Тој потсети дека ТИРЗ веќе обезбедува 14.000 работни места во државава, а во моментов според постојните договори, треба да се отворат дополнителни 7.500 вработувања.