Тинејџерки од Авганистан создаваат суперевтин респиратор од автомобилски делови

Речиси секое утро во авганистанскиот град Херат, група од пет тинејџерки напорно работат за да создадат функционален суперевтин респиратор за болни од Ковид-19, користејќи најчесто автомобилски делови.

Сомаја Фаруки и нејзините другарки се собираат со судни маки, избегнувајќи ги полициските контроли наметнати како мерка за спречување на ширењето на новиот корона вирус, и користат и стари делови од автомобил за да го направат респираторот за кој напоменуваат дека ќе биде наменет само за итни ситуации, кога ќе нема на располагање индустриски произведен респиратор, како и дека уредот ќе треба да го користат само лекари.

Секое утро таткото на Сомаја ги собира другите девојки од нивните домови со автомобил и ги вози во просториите на тимот во Херат, избегнувајќи ги полициските контроли. Во градот е забрането излегување, освен во итни случаи, а таткото на 17-годишната Сомаја нема специјална дозвола да вози во време на полициски час.

Девојките се членки на тимот роботичарки од Авганистан кои веќе освоил награди, а Фаруки вели дека ќе биде горда ако уредот што го прават спаси само еден човечки живот.

Авганистан, земја со 36,6 милиони жители, има само 400 респоратори, а досега се регистрирани над 900 случаи со Ковид-19, од кои 30 починале. Сепак, бидејќи има недостиг на тестови, се смета дека бројките се многу поголеми.

Девојките работат на два различни концепти – еден од нив е оној на Масачусетскиот институт за технологија (МИТ), со користење на стари делови од „тојота“.

Фаруки, која имаше само 14 години во 2017 година кога учествуваше на првата Светска роботска олимпијада во САД, вели дека секој мора да направи што може за да им помогне на своите сограѓани.