Ученици од 39 основни и средни училишта влегоа во финалната селекција на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3″ на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука.
Од ФИТР велат дека најмногу поднесени апликации се од училиштата од Скопје – вкупно 23, но апликации има од над дваесет места во земјава, меѓу кои Велес, Свети Николе, Прилеп, Битола, Кратово, Гостивар и Тетово. Најголем дел од предложените проекти се поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија.
„Предност ќе имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини“, потенцираат од ФИТР.
Оттаму велат дека процесот на истражување треба да се заснова на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да дадат видливи резултати.
Поради вонредната состојба, согласно препораките, тимовите на ученици онлајн ќе ги презентираат своите проекти пред комисијата составена од претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование, ФИТР, универзитетски професори и партнерски организации.