Тимот Дисциндо победник на тридневниот хакатон за отворени податоци организиран од Метаморфозис

Онлајн хакатонот за отворени податоци за студенти и стартапи го доби својот победник. Тимот Дисциндо понуди најдобро и најкреативно софтверско решение за предизвикот со кој се соочуваат единиците на локалната самоуправа при објавување на буџетот, во рамките на хакатонот којшто од 17 до 20 мај го организираше Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

За учество на хакатонот се пријавија 13 учесници и беа формирани 3 работни тимови. Тимовите имаа за задача да изготват софтверски решенија кои ќе бидат во полза на граѓаните, користејќи отворени податоци од јавно достапни бази на институции, информираат од Фондацијата Метаморфозис.

Победничкиот тим на Дисциндо понуди веб апликација што ќе овозможи конвертирање на ексел табела во читлив документ, овозможува складирање на конвертираните документи во јавен репозиториум и овозможува корисникот да види визуелизации за буџетот на општините и споредба меѓу приходите и расходите.

Најдобро пласираниот тим беше избран со гласање на жирито составено од пет членови, а победникот добива 3.000 долари со кои треба своето демо решение да го надгради во функционална апликација со која несомнено ќе може да се пофалат во своето портфолио.

Онлајн хакатонот беше отворен од извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис, Бардил Јашари. Тој ја потенцираше важноста за отвореност на институциите односно достапноста на податоците од јавен интерес.

Користејќи ги отворените податоци, преку иновативни идеи и примена на постоечки знаења, креативните тимови на луѓе од повеќе сектори имаа можност да придонесат во зголемување на квалитетот на животот или пак во олеснување и решавање на општествени проблеми на граѓаните. Отворените податоци, освен тоа што преку транспарентноста и отчетноста на властите ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, можат позитивно да влијаат врз деловниот, академскиот и граѓанскиот сектор. Тие се исклучително важни за креирање на нови производи и услуги кои можат да го олеснат и воедно подобрат секојдневниот живот на граѓаните.