„TIME“ е новиот сингл со призвук на филмска музика од нашиот композитор Никола Мицевски

Фото: Принтскрин од спотот

Македонскиот композитор Никола Мицевски го објави својот втор сингл насловен „TIME“ во соработка со гитаристот Дамјан Пејчиновски.

Видеото на песната заедно со спотот зад чија изработка се потпишува Даниел Јовески  официјално излезе вчера. Ова е втор пат Мицевски да објави сингл по првиот „Круг“ што достигна високо препознавање во композиторската сфера на класичната музика.

Композицијата придружена од изведбата на гитара на Пејчиновски претставува немир со навидум вознемирено темпо што всушност затскрива невообичаен спокој и прифаќање присутни во текот на петте минути, а видливи дури на крајот. Прифаќање што покажува дека времето без разлика какви мерки се преземаат и какви напори се прават никогаш нема да биде запрено ниту да се врати за да се изврши и направи сѐ она што сме го замислиле, а за кое определната временска должина останува кратка. Севкупната изведба успева да му претстави на слушателот дистописка, а истовремено и вистинска приказна со што се одѕива квалитетот на новото дело на Мицевски.

„Time е инструментална композиција во синематик/етно/рок/симфони правец, или популарно во World music правец, со призвук на филмска музика. Сублимација на моето цело досегашно музичко знаење и искуство. Музика преку која сакам да допрам до што поголем број на слушатели, музика која може да се слуша секаде во светот а притоа да е претпознатливо дека се темели врз духот на македонската музика. Среќен сум што соработував со Дамјан Пејчиноски, гитарист од светска класа кој со својата изведба даде една друга димензија на мојата музика. Даниел Јовески повторно направи едно ремек видео со кое автентично и перфектно ја илустрираше мојата музика“, изјави композиторот.

Досега, покрај синглот „Круг“, Мицевски го има снимено и својот прв музички албум, „Colors“, додека „TIME“ е дел од неговиот втор албум, „NEW ERA“ кој излегува наскоро.