ТикТок воведува временско ограничување од еден час дневно за малолетниците

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Апликацијата за видеа ТикТок поставува дневно ограничување од 60 минути на времето поминато на екранот за корисниците помлади од 18 години. Доколку малолетниците ја достигнат границата, ќе мора одново да внесат лозинка за да продолжат да ја користат услугата истиот ден.

Според Би-би-си, функцијата ќе биде воведена во текот на наредните недели, а младите, сепак, ќе имаат можност да ја одбегнат, односно исклучат ваквата опција.

Платформата за видеа која е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“ рече дека ја воведува функцијата за да им помогне на луѓето да одржуваат контрола врз времето поминато на екраните на уредите.

Секој малолетник што ќе се откаже од новото ограничување од 60 минути и ќе поминува повеќе од 100 минути дневно на апликацијата, ќе биде охрабрен од ТикТок да постави свои ограничувања за времето поминато на екранот.

Си-ен-ен пишува дека ова е еден од најагресивните чекори досега преземени од страна на една компанија за социјални медиуми во обид да ги спречи тинејџерите да „скролаат“ бесконечно на екранот.

Потегот на ТикТок доаѓа откако социјалните мрежи подолго време се соочуваат со истрага околу нивното влијание врз младите корисници, вклучувајќи го и нивниот потенцијал да им прикажуваат штетни содржини на тинејџерите.

ТикТок во моментов се соочува и со зголемен притисок од повеќе земји околу безбедносните грижи за нејзините врски со Кина преку матичната компанија „БајтДенс“.

Во САД од вчера повторно се води дискусија за можна забрана на апликацијата на целата територија на земјата. Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом вчера гласаше за да ѝ даде на администрацијата на претседателот Џо Бајден нови овластувања да ја забрани ТикТок, како и другите апликации за кои се верува дека претставуваат безбедносни ризици. Судбината на мерката, како што пишува „Гардијан“, е сè уште неизвесна и треба да биде усвоена во целиот Претставнички дом и од страна на Сенатот пред да се најде пред Бајденовата администрација.

ТикТок се соочи со закана да биде забранета во САД и во 2020 година, кога тогашниот претседател Доналд Трамп издаде наредба за забрана доколку платформата не биде продадена на американски компании. Наредбата подоцна беше повлечена.