ТикТок ја изгуби жалбата во САД, апликацијата сè поблиску до забрана

Според законот, ТикТок треба да биде продаден или забранет во САД, поради, како што се тврди, врските на неговите сопственици со кинеската држава. ТикТок и матичната компанија „Бајтденс“ негираат поврзаност со кинеските власти

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Обидите на ТикТок за поништување на законот според кој апликацијата ќе биде забранета или продадена во САД од почетокот на 2025 година се отфрлени, пренесе Би-би-си.

Компанијата се надеваше дека федералниот апелационен суд ќе ја прифати нејзината жалба и оти ќе се согласи со аргументот дека законот е неуставен и дека претставува влијание врз слободата на говорот за 170 милиони корисници на ТикТок во САД.

Судот, сепак, го потврди законот, за кој рече дека е кулминација на обемната, двопартиска акција на Конгресот и на последните два претседатели.

ТикТок најави дека ќе се жали на одлуката до Врховниот суд на САД, највисокиот правен орган во земјата.

Според законот, ТикТок треба да биде продаден или забранет во САД, поради, како што се тврди, врските на неговите сопственици со кинеската држава. ТикТок и матичната компанија „Бајтденс“ негираат поврзаност со кинеските власти.

Од компанијата велат дека законот се заснова на неточни и хипотетички информации и дека забраната ќе ги цензурира граѓаните на САД.

Судот, пак, смета дека законот е внимателно направен за да се справи само со контролата од страна на странскиот противник и дека истиот е дел од пошироките напори за справување со националната безбедносна закана што ја претставува Кина.

Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во ноември може да донесе „спас“ за ТикТок.

И покрај неуспешниот обид да ја забрани апликацијата за време на неговиот прв мандат во 2020 година, Трамп во кампањата за овогодишните избори рече дека нема да дозволи забраната на ТикТок да стапи на сила.