ТикТок им забрани пристап на децата во Италија кои се под 13 години

Фото: Antonbe, Pixabay

Популарната aпликација за споделување видео содржини „ТикТок“ соопшти дека се договориле со италијанските власти да ги блокираат сите корисници кои се помлади од 13 години. Забраната доаѓа по неодамнешниот смртен случај на десетгодишно девојче од Палермо, Италија кое се задуши при изведување на онлајн предизвик, актуелен на апликацијата.

Александра Еванс, раководител на „ТикТок“ за безбедност на деца во Европа, рече дека исто така ќе се воведе копче во апликацијата за да им се овозможи на членовите да пријавуваат корисници кои се чини дека се под 13 години.

Од компанијата „ТикТок“ велат дека во иднина ќе користат вештачка интелигенција за да се потврди возраста на своите корисници. Сепак, за предлогот ќе треба да разговара со ирскиот орган за приватност, кој е водечки орган на Европската унија за заштита на податоците за ТикТок, бидејќи фирмата има свое европско седиште во Ирска.

ТикТок, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, прво се здоби со популарност во Азија, а сега има и голем број корисници на Запад. Апликацијата стекна огромна популарност меѓу тинејџерите во Италија за време на пандемијата со ковид-19.