ТикТок била најсимнувана апликација во светот минатата година

ТикТок
фото: Alexander Shatov на Unsplash

ТикТок е прогласена за најсимнувана апликација во светот во 2020 година од страна на компанијата за дигитална анализа „Еп Ени“ (App Annie), со што го зазеде местото на Фејсбук Месинџер (Facebook Messenger).

Платформата за споделување на видеа е единствената апликација што се најде во „топ 5“ на листата најсимнувани мобилни апликации, која не е во сопственост на „Фејсбук“. Апликациите на „Фејсбук“ постојано доминираат на оваа листа откако истражувањето почнало да се спроведува во 2018 година.

Популарноста на ТикТок почна вртоглаво да расте од почетокот на пандемијата, па апликацијата стана најголем тренд во Европа, Јужна Амерка и САД.

Нејзината популарност во САД растеше и покрај заканите од поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ја забрани апликацијата во САД. Неговата администрација тврдеше дека ТикТок претставува закана по националната безбедност бидејќи кинеската влада имала пристап до податоците на корисниците. Од ТикТок постојано ги негираа обвинувањата.

Трамп минатата година ѝ наложи на „БајтДенс“, во чија сопственост е ТикТок, да им продаде дел од својот бизнис во САД на технолошкиот гигант „Оракл“ (Oracle) и „Волмарт“ (Walmart), но кинеските власти никогаш не го одобрија договорот.

По стапувањето на функцијата претседател на САД во јануари годинава, Џо Бајден ја повлече извршната наредба на Доналд Трамп.

И покрај предизвиците со кои се соочуваше во САД, ТикТок постојано истражуваше начини за да привлече што повеќе корисници. Минатата недела од апликацијата соопштија дека ќе воведат нова функција – видеа кои исчезнуваат по 24 часа. Со ова, ТикТок им се придружува на Инстаграм, Фејсбук, Воцап и Твитер, кои на своите социјални мрежи ја воведоа „Стори“-опцијата, за првпат претставена од Снепчет во 2013 година.