„Тииит! Инк“ акција: „Тотем без табу“ – автомат за менструални продукти по набавна цена

Фото: „Тиииит! Инк“

По повод 50 години Младински културен центар (МКЦ) и 10 години „Прво, па женско“, „Тииит! Инк“ организира акција наречена „Тотем без табу“. Акцијата е фокусирана кон собирање пари за да се постави автомат со менструални продукти и кондоми, каде овие продукти ќе можат да се купат по набавна цена. Сите заинтересирани можат да донираат преку платформата ecrowd.mk.

„Идејата на организаторите за поставувањето на ваков автомат е да се превенира ширењето на сексуално преносливите инфекции и да се намали менструалната сиромаштија, како и да се нормализира дијалогот околу менструирањето и практикувањето безбеден секс“, информираат организаторите.

Иницијативата цели да одговори на предизвиците со кои се соочуваат младите во пристапот до менструални продукти и контрацепција, вклучително и недостатокот на лесен и доверлив пристап до производи за одржување менструална хигиена и контрацепција. Според организаторите, стигмата, срамот и табуата за репродуктивното здравје на младите тврдоглаво ги шират пипците низ јавниот простор и создаваат една генерална непристапност до информации и алатки околу овој дел од јавното здравје.

Владата на РСМ го скрати буџетот за превенција од ХИВ за 40 отсто и според најновата студија за менструална правда, во државата 67 отсто од испитаниците пораснале со ставот дека менструацијата и менструалната крв е срамна.

„Истражувањето покажа дека 32 отсто од испитаниците одговориле дека барем еднаш во животот се нашле во ситуација да немаат пари да купат влошки и да мораат да импровизираат со крпи или тоалетна хартија“, потсетуваат од „Тииит! Инк“.