fbpx

Ти мене трибина, јас тебе митинг…

-

Додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ најавува типичен предизборен митинг за недела во Скопје, како контратрибина на онаа на СДСМ во „Универзална сала“, која, исто, на моменти заличи и на отворање на изборната сезона, се појавија информации дека следните вакви трибини опозициската партија ќе ги практикува во другите градови во земјава.

Тоа, во едно интервју, иако не експлицитно, го најави и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а се покажа и со прес-конференцијата на градоначалниот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Во јавноста ова се поврзува со активностите на т.н. Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), чии членови држат трибини во градовите низ земјава.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, тврди дека ќе продолжат со „бомбите“, но се координираат за начинот на кој ќе го прават тоа.

– Трибината во „Универзална“ беше исклучок затоа што сакавме така да ги презентираме политичките барања. За наредните чекори ќе одлучуваме во од, оти ова е таква материја – рече Шилегов во изјава за новинската агенција „Мета“.

Тој на својот фејсбук-профил, за најавата на минитнгот на ВМРО-ДПМНЕ в недела, напиша:

„Груевски ќе држел трибина во салата Борис Трајковски. Веројатно сака да покаже дека може поголема трибина да направи. А бре будалче (што би рекол народот), ако сакаме, стадионот ќе го наполниме за еден ден. Треба да разбереш дека не е до големината на трибината, туку до содржината на кажаното.“

Најавите дека по осмата „бомба“ во „Универзална сала“ во Скопје ќе следуваат нови собири на граѓаните од тој тип, многумина во Битола ги протолкуваа дека следните „бомби“ на Заев, една по една, ќе одекнуваат и во внатрешноста на државата.

Лидерот на СДСМ во Битола и пратеник, Васко Ковачевски, за „Мета“ вели дека ќе се оди понатаму со објавувањето на „бомбите“, а многу веројано е дека ќе бидат објавени аудиоснимки и за локални моќници.

– Нема конкретен договор што ќе следува понатаму, тоа ќе биде процена на раководството, но дека има разговори за локални функционери е многу веројатно. За тоа потврдува и разговорот меѓу министрите Стеврески и Јанкулоска, во кои се споменува името на битолскиот градоначалник. Како сето тоа ќе се одвива и обелоденува, сепак, зависи од процената на раководството на СДСМ – вели Ковачевски.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој е битолчанец, смета дека добро ќе биде содржините што  би ги засегале градовите од внатрешноста да бидат презентирани пред локалното население.

– Ја поддржуваме идејата и граѓаните од внатрешноста да чујат какви луѓе раководат со нивниот град. Да се демаскираат сите оние локални моќници, кои од градовите направија пашалаци, кои неодговорно ги трошат парите на граѓаните, без трошка совест. Тиквата пукна во разобличувањето на првиот човек во Битола и сметам дека не треба да запре, граѓаните го заслужуваат тоа – вели лидерот на ЛДП, Милевски.

Единствен проблем за објавување на „бомбите“ во помалите места, би можело да биде тоа што во внатрешноста нема простор за масовен собир на граѓаните каков што е „Универзална сала“.

На пример, ако СДСМ дојде во Битола, во Центарот на кулутра, тоа би значело дека аудиоснимките ќе ги слушнат само 1.000 граѓани, а во Крива Паланка нема место ни за толку.

Неофицијално, од СДСМ велат дека трибините во помалите градови би можеле да се одржуваат на отворено, а не во мал простор.

Според неофицијални информации од партијата во Тетово, првин трибини би се одржале во „сдсмовските“ Куманово и Струмица, па потоа, можеби, во Битола и во Тетово.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...