Македонија нема да искористи 119,7 милиони евра од фондовите ИПА 1, а новата Влада прави напори до крајот на годината да се искористат 30 милиони евра, бидејќи доколку не се реализираат проектите ќе треба да се финансираат со буџетските средства за 2018 година, изјави денеска на прес-конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, информираа за искористувањето на ИПА-средствата.

До крајот на годината, околу 30 милиони евра треба да се искористат за да се финансира изградбата на граничниот премин Белановце-Станчич, пречистителната станица во Прилеп, реконструкцијата на пругата Битола-Кременица, како и систем за интероперабилност во МВР и МНР.

– Овие проекти ги ставаме во ургентни приоритети што ги адресиравме со новиот мастер план на кој треба да се стави посебен фокус од Владата и администрацијата. На дел од проектите веќе се работи. За граничниот премин Белановце-Станичич постоеја правни проблеми кои се надминати со потпишан протокол и од денеска се преземаат конкретни чекори. Истото се однесува и на другите проекти како тој во Прилеп – изјави Османи.

Покрај фондовите ИПА 1, во тек е реализација на фондовите ИПА 2 за период од 2014 до 2020 година, со кој се ставени на располагање 644 милиони евра.

Од нив, како што рече Османи, 445 милиони или 67 проценти веќе се програмирани, односно се утврдени проекти за реализација, но над 40 милиони евра се изгубени во фазата на програмирање поради непостоење квалитетни проекти.