Состојбата со владеењето на правото, насоката во која тоа се движи и неговата поврзаност со управувањето на јавните финансии на транспарентен начин се темите на Меѓународната конференција „Владеење на правото – Каде се движиме“, што почна денеска во Скопје.

Конференцијата, која денеска и утре се одржува во хотелот на „Александар палас“, е во организација на Центарот за студии на европски политики (ЦСЕП) од Брисел и на Центарот за економски анализи од Скопје, а е поддржан од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

За состојбата со владеењето на правото во Европа, и особено на Западниот Балкан, ќе дебатираат универзитетски професори и претставници на консултантски организации и на граѓанскиот сектор.

Леонард ден Хертог, истражувач, стипендист и координатор на програмата „Енгејџ“ на ЦСЕП, во воведното излагање го цитираше претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, дека „владеењето на правото во Европската Унија не е опција, туку обврска“.

Марјан Николов од Центарот за економски анализи истакна дела целта на конфернцијата е да се понудат идеи за решевање на предизвиците околу прашањата што ги поврзуваат владеењето на првото, економијата и безбедноста.

– Од 1997 до 2015 година, речиси двојно е зголемен бројот на демократски влади во светот. Но, извештатите од 2016 година покажуваат дека бројот на земји во кои опаѓа демократијата е поголем од земјите каде демократските вредности се зголемуваат – рече Николов.

Пред почетокот на панел-дискусиите, обраќање имаше министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој истакна дека владеењето на правото е клучен услов за добра економија и за еконосмки развој.

Тој истакна дека приоритети на новата влада се транспаретноста во носењето на важните закони, важење на законите за сите еднакво и усогласување на македонското со законодавството на ЕУ.

– За инвеститорите е најважна стабилноста, односно дека правилата важат еднакво за сите. Ако сакаме инвеститори од странство, важно е законодавството да биде како европското – рече Тевдовски.

Во рамките на конференцијата, денеска и утре ќе се одржат четири панел-дискусии, посветени на транспарентноста и на отчетноста (со акцент на јавните финансии, човеките права и на владеењето на правото), потоа кривичното право, трансформативната моќ на Европската Унија и на улогата на граѓанското општество.