Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека не очекува сериозно зголемување на инфлацијата иако во предлог-буџетот за 2018 се предвидува зголемување на акцизата за нафта и за нафтени деривати.

– Во индекост на цените на мало, сите енргенти вкупно учествуваат со 10 проценти, а ние зголемуваме само мало делче од тие 10 проценти, односно нафтата и нафтените деривати во согласност со препораките на Европската Унија – рече Тевдовски.

Во предлог-буџетот за 2018 година се предвидува стапка на инфлација од 1,7 отсто, главно под влијание на светските цени.

Во презентацијата на предлог-буџетот за 2018 година, Тевдовски најави дека се планира зголемување на акцизата на нафтата за 3 денари, односно на 3,54 денари со ДДВ.

– Зголемувањето на акцизата за нафтата за 3 денари ќе има повеќекратни ефекти. Повисоки буџетски приходи за финансирање на нови расходи, усогласување со европските стандарди и со регулативите на ЕУ, како и заштита на животната средина, односно намалување на загадувањето. Препораката на ЕУ е акцизата за нафтата да изнесува 0,33 евроценти, а во Македонија е 0,20 евроценти. Во моментов цената на еден литар нафта во Македонија изнесува 0,8 евра, а со зголемувањето би изнесувала 0,86 евра, при што повторно малопродажната цена на дизел-горивото ќе остане најниска во регионот – рече Тевдовски.