Тетовските гимназијалци од настава на македонски јазик, ја започнаа новата учебна година во една смена, одржувајќи часови во двете згради на старото медицинско училиште. До минатата година, гимназијалците посетуваа настава само во првата зграда и тоа во две смени, со скратени часови од 35 минути.

Наставниците велат дека во моментов се врши реновирање и на втората зграда, а реконструирањето е предвидено да заврши во рок од еден месец.

Од таму информираат и дека во текот на денешниот ден се планирани  родителски средби, на кои, родителите ќе го искажат својот став – дали учениците да продолжат да следат настава во една смена, и покрај моменталното работење во втората зграда.

Градоначалничката Теута Арифи истакна дека од страна на локалната самоуправа се завршени сите процедури за планираната изградба на нов објект во дворот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, каде што би се вклучиле учениците од македонска настава. Како што вели таа, сега се чека на финален одговор од страна на надлежното министерство.

Просторниот проблем на професорите и учениците од македонска настава е актуелен веќе 15 години. Уште во 2001-та, заради безбедносни причини, тие ја напуштија матичната зграда на гиназијата, па наставата се одржуваше во основното училиште „Гоце Делчев“ до учебната 2005/2006 година, а потоа и во бараките кај старото Медицинско училиште.

Пред две години, заради мизерните услови во бараките, учениците и професорите одржаа и неколку протести. Бараа што поскора изградба и  интеграција во планираниот нов објект. По низа состаноци и средби со релевантни лица, крајниот резултат беше привремено сместување на учениците во двете згради од старото Медицинско училиште, кои беа во лоша состојба.