Тетовскиот атлетичар Далибор Спасовски ќе учествува на првата Европска олимпијада, која ќе се одржи годинава во јуни, во Азербејџан. Одличниот резултат што го постигна на трката на 400 метри на изборниот натпревар во Скопје, му овозможи учеството на оваа олимпијада, каде ќе се натпреваруваат атлетичари во повеќе дисциплини.

– Европската олимпијада, која ќе се одржи во Баку, Азербејџан, ќе биде налик на Светската олимпијада. Ќе има учесници од сите земји и од сите спортски дисциплини. Атлетската федерација е при крај со составувањето на тимот што ќе учествуваа на првата Европска олимпијада – изјави Спасовски.

Спасовски по пауза од неколку години, успеа да се врати во одлична форма, а трката од 400 метри ја истрча за време 49 секунди и 37 стотинки.

– По неколку години пауза, повторно сум во добра форма. Со чести и упорни тренинзи, кои ги правам на фудбалското игралиште на спортскиот центар во Тетово, успеав да го постигнам овој резултат – рече Спасовски.

Спасовски е неколкукратен државен првак во атлетските дисциплини на 200 и на 400 метри, а повеќепати ја има преставувано Македонија на европски и на балкански првенства во атлетика.