fbpx

Тетовски „Градски паркинг“ не кажува зошто наплаќа од граѓаните за паркинзи што не се пуштени во употреба

-

Иако зонските паркинзи Б9 и Б14 во Тетово сè уште не се пуштени во употреба, системот веќе неколку недели наплатува од граѓаните кои паркираат таму и испраќаат СМС пораки. Граѓаните праќаат пораки затоа што ЈП „Градски паркинг“-Тетово има поставено табла со известување дека мора да се прати порака за паркирање, но не сметале дека системот за пораки треба да се блокира, со цел да се спречи плаќањето од страна на граѓаните кои не се информирани дека паркирањето е бесплатно. Граѓаните не знаат дека паркингот не се плаќа бидејќи на информативните табли не пишува дека наплатата ќе започне од 1 октомври кога споменатите паркинзи ќе бидат пуштени во употреба, пишува Порталб.мк.

Од 1 октомври во Тетово ќе почнат со работа два нови паркинга: зона Б9 на улица „Страшо Пинџур“ и комплексот „Саранда“, како и зоната Б14 на улица „120“ во близина на зелениот пазар. Овие паркинг зони се веќе обележани и имаат сигнализација, но нема најава дека наплатата ќе почне од 1 октомври.

На граѓаните кои праќаат СМС и сега, пред 1 октомври, парите нема да им бидат вратени.

Една граѓанка за Порталб.мк изјави дека пред неколку дена се паркирала во зоната Б9, пратила СМС и дека ѝ ги зеле парите. Додаде дека дури откако ја пратила СМС-пораката, некој граѓанин ја известил дека наплатата сè уште не стапила во сила.

„Имаше линии за паркирање, што претходно ги немаше, имаше помалку паркирани автомобили. Ако наплатата уште не е на сила, зошто на граѓаните кои не го знаат тоа им се повлекуваат парите кога праќаат порака, бидејќи има и други како мене што не го знаат ова“, рече револтираната граѓанка.

На фотографијата подолу се гледа дека парите се повлечени; Фото: Порталб.мк

Порталб.мк испрати СМС-порака за зоната Б14, при што се покажа дека парите се повлечени.

Фото: Порталб.мк, доказ дека парите се повлекуваат доколку пратите СМС за оваа зона

На прашањето зошто на информативната табла за детали за зонското паркиралиште не стои дека наплатата започнува од 1 октомври, од ЈП „Градски паркинг“-Тетово објаснија дека граѓаните биле известени преку Фејсбук страницата на компанијата.

„За истото граѓаните се информирани и преку соопштенија истакнати на соодветните простори и на влезовите на зградите во тие зони“, соопштија од ЈП „Градски паркинг“ Тетово.

Сепак, таму се движат и граѓани кои не живеат во тој дел и не се сите информирани за истото.

Порталб.мк утврди дека на информативните табли за паркирање, кои се првиот контакт со граѓаните во однос на плаќањето паркинг, во зоните Б9 и Б14 не пишува дека наплатата за паркирање почнува од 1 октомври.

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

За тоа зошто до 1 октомври не го блокирале системот за овие зони за да не ги оштетат граѓаните, од претпријатието за управување со паркинзите не одговорија.

Нема податоци за тоа колку пари заработила компанијата од паркингот што уште не започнал со работа.

Инаку, на Тетово итно му се потребни нови паркинзи. Актуелното раководство досега нема создадено нови паркинг места, туку само е направена пренамена или импровизација на постојните паркинзи во зонски паркинзи (со наплата), каде што граѓаните порано паркираа, но не плаќаа.

Пред само два дена, започнаа работите за изградба на затворен паркинг во делот познат како „Стара противпожарна станица“ во Тетово. Но, не се знае кога истиот ќе заврши.

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, не го одржа предизборното ветување дека паркирањето ќе биде бесплатно додека не се создадат доволно паркинг места за секое возило. Хаосот продолжува, нови паркинзи сè уште нема, а бесплатен паркинг имаше само две недели, но потоа наплатата беше вратена.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.