Книги, признанија и ваучери со кои ќе имаат бесплатен пристап до тетовската библиотека во понеделникот им беа доделени на најдобриот 21 читател во Тетово за 2019 година. Добитниците на наградите беа поделени во неколку категории, со цел ниту една посебна возраст и категорија да не остане без награда, пишува „Порталб.мк“.

Директорот на тетовската библиотека „Кочо Рацин“, Њомза Имери се надева дека организирањето на вакви настани ќе биде мотивација за овие победници да продолжат да читаат, бидејќи читањето е нешто што ги исполнува како личности, без оглед на возраста или која било друга основа.

– Ова е традиционален проект кој се спроведува веќе неколку години, а суштината е да се изберат најдобрите читатели во 2019 година за одредени категории на читатели. Се надевам дека оваа организација е мотивација, особено за младите читатели, дека тие ќе продолжат да бидат активни читатели на библиотеката, покрај подароците што им ги подаривме, обезбедивме и бесплатната регистрација за библиотеката за следната година – рече директорката на библиотеката, Њомза Имери.

Една од добитничките на наградата „Најдобра читателка за 2019“ рече дека ова е една од наградите за која се чувствува многу горда, ги повикува сите млади да читаат колку што е можно повеќе, бидејќи, според неа, читањето многу помага во секоја фаза од животот.

– Ова е многу важна награда за мене, можам да кажам дека ми е омилена затоа што има врска со највредното богатство на светот, книгата. Важно е да се напомене дека читањето помага неизмерно во животот, секогаш ме прави лично да се чувствувам поинаква од другите. Мислам дека кој сака да биде независен, и за себе и за општеството, треба само да прочита – рече Емине Дервиши.


Статистиката вели дека бројот на читатели во Тетово е во постојан пораст, иако брзиот развој на технологијата создаде перцепција дека традиционалниот начин на читање книги опаѓа. „Порталб.мк“ обезбеди некои податоци од тетовската библиотека „Кочо Рацин“ за бројот на читатели во изминатите осум години. Во 2018 година имало 5.094 зачленети граѓани, што е најголема бројка во споредба со периодот од 2011 година до денес.

За директорката Имери, овие бројки се задоволувачки, и покрај тоа што намалениот интерес за читање од страна на младите луѓе е глобално присутен и не е карактеристичен само кај нас.

– Во последните години го зголемуваме бројот на читатели. Ова е добра работа и за нас и за луѓето затоа што редовните читатели мораат да бидат лидери во иднина. Ако во иднина треба да имаме лидер за читање, мислам дека ќе имаме подобра иднина – вели директорката Њомза Имери.