fbpx

Тетово сѐ уште нема решение за сообраќајниот хаос, од општината презеле превентивни активности (ВИДЕО)

-

Иако во последно време општинските власти на Тетово презедоа одредени активности за ублажување на хаосот во сообраќајот, сепак на улиците владее неред, што го отежнува движењето на граѓаните. Се очекува ситуацијата да стане покритична во текот на летната сезона кога пристигнуваат иселениците, при што бројот на возила во сообраќајот ќе се зголеми значително, пишува Порталб.мк.

Тетово и не е толку голем град. Од едниот до другиот крај на градот има приближно четири до пет километри. Но, времето потребно ова растојание да се помине со возило често е многу долго, а во текот на летната сезона се вози 45 минути па дури и до еден час.

Новинарот на Порталб.мк, вчера (16.05.), возеше по булеварите „Благоја Тоска“ и „Илинден“ и во видеата подолу се гледа дека во некои делови од градот владее хаос.

За причините поради кои доаѓа до овој хаос, сообраќајниот експерт Блерим Неими вели дека градот Тетово нема доволно патишта, бидејќи од утринските часови во сите влезови на градот во просек влегуваат по илјада возила на час од населените места околу градот. Тој има и неколку предлози за олеснување на сообраќајот.

Причините поради кои има метеж во сообраќајот е лошото управување од страна на надлежните органи (сообраќајната полиција), неискористеноста на градско-приградскиот превоз, непочитувањето на сообраќајните правила и од страна на возачите и од страна на пешаците, недостаток на паркинг места, ниското ниво на свест на граѓаните за пешачење или возење велосипед.

„Исто така, потребно е да се организира испораката на стоки во посебен распоред (доцна навечер или наутро), преку насочување на сообраќајот во области каде сообраќајот е помалку оптоварен, за да немаме еднострано оптоварување“, рече Неими.

Од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово соопштуваат дека деновиве полициски службеници ги интензивирале контролите во сообраќајот.

„Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово во текот на март откриле и законски санкционирале 1.892 различни видови сообраќајни прекршоци, односно 210 повеќе во однос на истиот период лани. Во контролните активности спроведени минатиот месец и за констатирани прекршоци, од промет се исклучени 57 возила. Минатиот месец од сообраќај биле исклучени и 246 возачи. Во овој период привремено се одземени 6 возила, 67 возачки дозволи и 41 сообраќајна дозвола, додека „пајак службата“ Тетово, подигнала вкупно 254 непрописно паркирани возила. За сите се подготвени со закон предвидени пријави и лицата ќе се соочат со казни и други мерки“, изјави Фатмир Реџепи од СВР Тетово.

Но, од СВР Тетово не коментираат дали имаат или не некаков план за да го спречат сообраќајниот хаос во претстојната сезона.

Од Општина Тетово од друга страна, чие раководство летово ќе ја има „првата сезона“, велат дека изработиле таков план и ги спроверуваат дел од активностите.

„Како општина имавме план за ублажување на урбанистичкиот и сообраќајниот хаос. Мерките кои се преземени се следните: поставување знаци за забрана на застанување и паркирање долж булеварот Илинден; активности во соработка со СВР Тетово и јавното претпријатие за паркинг; поставување и поправка на знаците  во еднонасочните улици; спроведување на одлуката за утовар и истовар на стока во централниот дел во текот на денот; изработка на програма за проширување на зонското паркирање во текот на 2022 година“, соопштија од општина Тетово.

Трите главни фактори за олеснување на сообраќајот се создавање на нови паркинг места, пуштање во употреба на автобусите од јавниот транспорт и продолжување на главните булевари.

Во моментов градот е заглавен во спроведувањето на овие три точки. Иако актуелното раководство спроведе проширување на зонското паркирање, тоа не значи дека се создадени нови паркинг места. Исто така, автобусите на јавниот превоз сè уште не функционираат како резултат на бирократски пречки поврзани со комплетирањето на документацијата и се очекува истите да бидат пуштени во сообраќај кон крајот на овој месец. Кога сме кај булеварите, работите во булеварот „Благоја Тоска“ продолжија што се смета за една од главните артерии на градот за ослободување на сообраќајот.

Потсетуваме дека создавањето нови паркинг места и продолжувањето на трите булевари се наведени како решенија за проблемите на урбанизмот во програма на Касами за управување со Тетово.

Инаку, во декември иселениците во просториите на Општина Тетово го истакнаа токму ова како проблем со кој се соочуваат во текот на сезоната кога доаѓаат на одмор и дека општинските власти треба да го решат истиот, за што Касами вети дека ќе изнајдат решение.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...