Како и секоја есен кога има врнежи од дожд, деновиве Тетово повторно се соочи со прекини и рестрикции на водоснабдувањето поради загадување и заматеност на некои извори. Поради неможноста за третирање во филтрационата станица во Лисец, беше прекинато снабдувањето со вода за пиење од Лешница. Резервоари за вода во Тетово. Јавното комунално претпријатие за водоснабдување „Шара“ апелира водата да не се користи за пиење сè додека не ги добијат резултатите од извршните анализи. Граѓаните се револтирани, пишува Порталб.мк.

Поради неможноста за третирање на водата во филтрите на филтрационата станица Лисец како последица на високата стапка заматеност заради неодамнешните врнежи од дожд, беше прекинато снабдувањето со вода за пиење од Лешница.

Во меѓувреме, поради обилните врнежи од дожд загадената вода од неколку извори се пробила во резервоарите за вода.

„Нашите екипи се на терен и работат за да го гарантираат квалитетот и безбедноста на водата што се дистрибуира во градската мрежа“, велат од ЈКП „Шара“. Во друго соопштение доцна синоќа од претпријатието соопштија дека водата ќе биде пуштена за кратко време, но нема да биде безбедна за пиење.

„Се молат граѓаните да ја користат водата само за основни потреби како хигиена и чистење, сè додека не се добијат резултатите од лабораториските испитувања“, додаваат од ЈКП „Шара“.

Во моментов водата не се употребува за пиење и рестрикции ќе има од 12:30 до 15:30 часот, а ситуацијата предизвика реакции и гнев кај граѓаните.

„Во која земја во светот водата за пиење се заматува со дождовница?! Во која земја во светот се поставуваат цевки над земја?!“, рече еден граѓанин.

Тие се жалат дека во текот на месец октомври имало над 20 дефекти што ги оставиле граѓаните без вода повеќе од 20 дена и бараат да се спречат бидеќи рестрикции на вода има секој ден. Граѓаните реагираат и дека базените не се покриени и се небезбедни поради небрежноста на јавното комунално претпријатие.

Порталб.мк побара појаснување од ЈКП „Шара“ околу тоа зошто долги години нема конкретно и трајно решение за тоа кога има врнежи да нема загадување во изворите и
затнување од лисја, зошто филтрационата станица не може да ја третира водата во филтрите кога има голема заматеност од дождот, зошто нема инвестиции во оваа насока и дали има конкретно решение за овој проблем.

Претходно од ЈКП соопштија дека поради паѓањето на лисјата во ова годишно време на главната водоводна линија во Лешница има намалување на количината на вода што го снабдува градот. Дефектите станаа секојдневна појава и жителите на Тетово често пати остануваат без капка вода во чешмите.

Во последните години градот постојано се соочува со рестрикции во водоснабдувањето, особено во текот на летото и зимата, што предизвикува револт кај граѓаните. Тетово користи две мрежи за водоснабдување, во текот на есента и зимата се снабдува од новата, онаа на Лешница, а пак во пролет и лето од онаа на Попова Шапка, акумулациите на Шар Планина или познати како стари извори.

Во својата изборна програма 2021-2025 градоначалникот на Тетово, Билал Касами вети нова водоводна и канализациска мрежа, а истото го ветува и во новата изборна програма.