Жител на село Долно Седларце, тетовско, е лишен од слобода откако против него имало пријава дека барал пари за да не објави експлицитни фотографии и видеа од неговата поранешна партнерка, соопштија во Министерството за внатрешни работи.
„Вчера полициски службеници од отсекот за компјутерски криминал при СВР Тетово го лишија од слобода З.Ѓ.(48) од с. Долно Седларце, тетовско, поради сомнение за сторено кривично дело по чл. 152-а во врска со чл. 24 од Кривичниот законик. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени еден мобилен телефон и еден лаптоп компјутер. Претходно истиот ден, жена од Тетово пријавила дека З.Ѓ. и уште едно лице неовластено споделиле и објавиле нејзини приватни фотографии и видеозаписи со експлицитна содржина, кои потекнуваат од периодот кога биле во врска“, соопштува МВР.
Според пријавеното, во изминатите две години З.Ѓ. во повеќе наврати ѝ барал пари за да не ги објави снимките. З.Ѓ е задржан во полициска станица и по целосно расчистување на случајот ќе следува соодветна пријава.
