fbpx

Тетовчани се борат за живот со кучињата-скитници, властите не преземаат мерки (видео)

-

Никако да се реши проблемот со кучињата-скитници во Тетово. Граѓаните секојдневно се соочуваат со овој ризик на пат кон училиште, работа или болница, а властите сè уште не преземаат никакви конкретни мерки за спречување на страшните настани. Таков е случајот со Агрон Арифи кој беше нападнат од глутница кучиња, но кој иако со повреди и психичка траума, имаше среќа да се спаси од бесните кучиња со помош на неколку случајни минувачи, пишува Порталб.мк.

Вчера жителот на Тетово, Агрон Арифи, на социјалните мрежи сподели видео направено во моментот кога е нападнат од глутница кучиња во Тетово. Тој вели дека ова не е единствениот напад, бидејќи од месец јули нападнат е вкупно шест пати, а само овој месец дури три пати. Тој вели дека секој пат случајот го пријавил кај надлежните институции, но дека тие не презеле ништо.

„Пријавувањето во полиција беше нешто траги-комично, затоа што од таму ми одговорија дека пријава може да се поднесе само во случаи на каснување од кучиња, и дека секоја друга поплака е бесмислена. Уште од месец август контактирав со АМОС кој е ангажиран од Општина Тетово за менаџирање на проблемот со кучињата-скитници, но до ден денес нема никаква реакција од нивна страна, не одговараат на пораки, ниту пак на телефонски повици. По повеќе обиди ги добив на телефон и им понудив помош за локализирање на кучињата скитници. Ми ветија дека во наредните денови ќе има акција, но сè уште нема ништо конкретно”, објасни Арифи.

Во видеото може да се види моментот кога кучињата го напаѓаат граѓанинот:

Тој нагласува дека немоќта на општинските власти да помогнат е трагична, бидејќи како што рекол инспекторот каде што неколку пати го пријавувал случајот, немаат информации кој од раководството на општината контактира со Амос и дека му рекле дека тој лично треба да преземе мерки за решавање на проблемот.

„Ако општинските власти јавно се изјаснат за неспособни да го решат овој проблем кој претставува закана за безбедноста на граѓаните во тој регион и околу училиштето „Истикбал“, ние како маало ќе мораме да се организираме и да го елиминираме овој ризик, во спротивно за секакви последици директно одговорни се општинските власти“, рече Арифи.

Рани од каснување од кучињата скитници, Фото: Агрон Арифи

Тој, меѓу другото, рече и дека и неговото куче честопати е нападнато од кучињата-скитници кои му нанеле и рани, за што има и изјава од ветеринар.

 

Како што соопштија од Секторот за внатрешни работи Тетово, за годинава, поточно од 1 јануари до денеска (20.10), само во Тетово граѓаните пријавиле 50 случаи на напади од кучиња-скитници.

Но, оваа бројка е далеку поголема, бидејќи не сите граѓани ги пријавуваат во полиција нападите од кучињата-скитници.

Општина Тетово: СВР Тетово да не дозволи да се носат кучиња-скитници од другите општини

Од Општина Тетово за Порталб.мк изјавија дека освен актуелниот договор со АМОС ПЕТ сè уште немаат составено нов акционен план затоа што толку средства биле предвидени со претходниот буџет. Од таму велат дека одговорност не треба да се бара само од нив.

„Во идниот буџет ќе бидат предвидени повеќе средства. Зголемувањето на бројот на кучињата-скитници е како резултат на недостатокот на една национална агенда, која би предвидела казни за физичките и правните лица кои на нелегален начин носат кучиња-скитници од другите општини. Ние, како општина, не можеме да го спречиме ова затоа што немаме механизам за такво нешто. Одговор за ова треба да дадат од СВР Тетово”, соопштија од Општина Тетово.

Сегашната програма на општина Тетово за овој проблем не предвидува долгорочно решение

Порталб.мк претходно пишуваше дека проблемот со кучињата-скитници во Тетово годинава нема целосно да се реши.

Во jуни годинавa, Општина Тетово склучи договор со „Амос Пет“, здружението избрано за овој проблем, со кој се предвидува за 12 месеци се третираат само 82 кучиња спасени од улица, што е околу 20 отсто од вкупниот број на кучиња кои талкаат низ градот. Вредноста на овој договор е 1.271.186 денари, што значи дека надоместокот за едно куче е 15.500 денари.

Градот има околу 500 кучиња-скитници, при што околу половина од нив се поголеми од 40 килограми.

Иако од здружението „Амос“ за Порталб.мк изјавија дека кога ќе дојдат во Тетово да заловуваат кучиња, ќе ја известат јавноста околу тоа како оди оваа постапка и ќе дадат и други објаснувања, до денес тие не направиле такво нешто.

Решението се гледа во регионалното прифатилиште, кое не се знае кога ќе биде готово

Потсетуваме дека голема надеж беше изградбата на регионалното прифатилиште за кучињата-скитници за сите општини од Полог, но таа идеја пропадна затоа што општина Брвеница одби прифатилиштето да се изгради на нејзина територија.

По последната средба на градоначалниците на општините од Полог со која претседаваше градоначалникот Билал Касами, тој најави дека во општина Врапчиште ќе се гради прифатилиште за третирање на кучињата скитници од овие општини, со меѓународни средства и со поддршка на општините од регионот на Полог.

Инаку, проблемот со кучињата скитници останува хроничен за многу општини во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...