Објава на Фејсбук ја дезинформира јавноста дека тестовите за корона вирусот се многу опасни, дека со нив наводно се оштетува заштитната бариера на мозокот, се злоупотребува генетски примерок од ДНК, се врши умствена контрола врз тестираните?! Тестирањето за коронавирусот единствено има за цел да открие дали во организмот постојат знаци на активна инфекција, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

На Фејсбук циркулира пост во кој се изнесени низа невистини околу тестирањето за ковид-19, меѓу кои и таа дека при земање на брисевите се оштетува заштитната бариера на мозокот, дека преку стапчињата се внесува хидрогел во организмот, како и дека се зема ДНК примерок, кој потоа се користи за да се врши умствена контрола врз оние што се тестирале. Објавата е споделена 181 пат и има над 60 допаѓања. Повеќето од коментарите се некритички и во склад со содржината која е полна дезинформации.

 

ЖИВА ВИСТИНА

Posted by Hristijan Damevski on Thursday, 24 September 2020

Првата невистина е тоа дека со тестовите за коронавирусот се оштетува заштитната бариера на мозокот. Како што претходно пишувавме, откако консултиравме низа експерти од полето на микробиологијата, неврохирургијата и оториноларингологијата, апсолутно е неможно да се оштети мозочната бариера со стапчето за брис, дури и кога тоа хипотетички би било насочено во погрешна насока.

Лекарите во дел од овие проверки на факти, вклучувајќи го и овој на „Вистиномер“, тврдат дека при земањето брис стапчето во носот оди во пределот каде се спојуваат носот и грлото, т.е. во назофаринксот и дека главната потешкотија е единствено неудобноста на пациентот.

Доктор Александар Стојанов, в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести изјави дека станува збор за глупост која може да биде опасна.

Земањето брис од нос нема апсолутно никаква врска со било какво пробивање на мозочната бариера кај човекот. Јавноста да не слуша и чита секакви тврдења кои не се на ниеден начин научно и медицински поткрепени. Очигледно, оној кој го тврди ова, сака да ги доведе луѓето во заблуда и очигледно нема основни познавања од анатомија. На крај ќе излезе дека мозокот преку носот им го вадиме на пациентите. Брис се зема од нос и од грло и нема тука никакво оштетување на ништо.

Друга дезинформација од спорниот пост е тоа што се тврди дека ,,засилено се наметнува задолжително тестирање бидејќи со тоа ќе може да ве контролираат и подоцна да ја примите вакцината и се што ќе понудат”, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Прво, воопшто не се наметнува никакво задолжително тестирање. Тестирањето во Македонија е доброволно и никој принудно не е тестиран. Вакцината, како што изјави министерот за здравство, доктор Венко Филипче, воопшто нема да биде задолжителна, туку граѓаните ќе ја примаат на доброволна основа.

Истото го потврди и директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов, кој истовремено е и член на Комисијата за заразни болести, советодавно тело на министерот за здравство, каде се дискутира ова прашање околу дистрибуцијата на вакцината.

 Не може вакцината против Ковид да биде задолжителна. Има задолжителни вакцини по календар, за лица до 18 години, но понатаму другите што се примаат, како, на пример, за тифус, грип, жолта треска, не се. Никого не можеме да го натераме да ја прими, изјави Стојанов за ,,Слободен печат”.

Третата дезинформација се однесува на тоа дека со готовите стапчиња се внесува хидрогел во организмот кој содржи микро нано-роботи (во оригиналниот напис најверојатно е направена печатна грешка и тие се наречени ,,нанобоботи”). Тестовите за коронавирус воопшто не содржат хидрогел.

Молекуларните тестови ги бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.

Никаков квантен компјутер, никаква 5Г мрежа и никаква умствена контрола, ниту „чипување“ не се случуваат кога некој е тестиран за Ковид-19. Во земјава сѐ уште нема ниту активна 5Г мрежа, нема ниту институција која врши „чипување“, а камоли, пак, квантни компјутери. Такви компјутери и генерално, на целата планета, речиси никаде не се применуваат во практични цели, туку само во истражувачки, затоа што сѐ уште станува збор за недоистражена и нова технологија, со која сѐ уште тешко се управува од многу причини, а, пред сѐ, затоа што централната процесорска единица („мозокот“ на квантниот компјутер) треба да се држи на многу ниски температури, блиски до „апсолутна нула“ (-273 степени Целзиусови), односно на температури кои се пониски („постудени“) и од празниот простор меѓу ѕвездите.

Посебна приказна се, пак, “микро нано-роботите“. Такво нешто не постои. Не само што не постои во реалноста, туку не постои ни во научната фантастика. „Нано-“ значи милијардити дел од нешто, во случајот милијардити дел од еден метар. „Микро-“ значи милионит дел од нешто, во случајот милионит дел од еден метар. Милијардит дел од метар, тоа е големина на еден атом. Роботи со големина од еден атом не постојат, односно не се измислени. А, „микро нано-“ би значело милиони дел од милијардити дел од еден метар. Толку мали честички или не постојат во универзумот или науката сѐ уште ги нема откриено, а камоли, пак, да направи робот со големина на честички кои или не постојат или не се откриени.

Дополнително, тврдењето дека ,,технологијата што ја прикажуваат ја имаат и ја тестираат најмалку 20 години наназад” е комплетно нејасно. На која технологија се мисли? Дополнително, се тврди дека поткрепата за сите наоди во постот може да се пронајде преку линкови кои воопшто ги нема, правејќи го постот уште поманипулативен, бидејќи нема реален извор. Ваквите конспиративни теории, кои воедно ги инкорпорираат неповрзливите коронавирус, 5Г телекомуникациските мрежи и микрочиповите, на долго и на широко се дебанкирани од страна на Би-Би-Си, на пример, а се раширени на повеќе говорни подрачја ширум светот.

Тестирањето за коронавирусот единствено има за цел да открие дали во организмот на оној што се тестира постојат знаци на активна инфекција. Претворањето на генетски примерок од ДНК на човекот што се тестира „во дигитална вредност во квантниот компјутер“, претставува невистинито тврдење опасно за здравјето на граѓаните, кои ќе поверуваат во оваа конспиративна теорија, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.