„Тесла“ и Илон Маск ја „лансираа“ вредноста на криптовалутите Биткоин и Доџкоин

Kriptovaluti
фото: комбинација на фотографии од Wikimedia Commons

Најновиот бран на промени кај криптовалутите се издвојува по својата големина – за првпат, вредноста на сите криптовалути порасна на над 1 билион американски долари во текот на минатиот месец, а сè поголем е и бројот на луѓе кои ги користат виртуелните валути за практични цели, но и бројот на главните играчи кои се вклучуваат на пазарот на криптовалути.

Tvitovi Musk
Дел од твитовите на Илон Маск поврзани со Доџкоин

Компанијата „Тесла“ објави дека купила Биткоин во вредост од 1,5 милијарди долари, што претставува најголема инвестиција на една корпорација во оваа криптовалута и најави дека ќе почне да прифаќа плаќања со Биткоин. Како објаснување за овој чекор, од „Тесла“ соопштија дека сакале да обезбедат поголема флексибилност и да ги максимизираат своите приходи.

По оваа вест, вредноста на најмоќната криптовалута во светот почна забрзано да расте, повторно соборувајќи го досегашниот рекорд, па во еден момент еден Биткоин вредеше над 48 илјади долари.

Освен Биткоин, помеѓу најактуелните криптовалути изминативе неколку недели е и Доџкоин (Dogecoin), дигитална валута со слика на куче од расата „Шиба Ину“, преземена од популарното меме кое беше актуелно во текот на изминатата деценија.  Доџкоин била создадена во 2013 година како експеримент кој им овозможува на луѓето да ја испробаат технологијата на криптовалутите. Нејзината приказна се менува изминативе неколку месеци, а откако извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, неколкупати ја спомна Доџкоин, нејзината вредност започна да расте со што во еден момент вкупната пазарна  вредност надмина 10 милијарди долари, па сега е помеѓу десетте највредни криптовалути во светот.

Илон Маск на Твитер прво се шегуваше со Доџкоин,  за потоа да почне да дава посериозни аргументи зошто треба да се инвестира во неа, нарекувајќи ја „криптовалута на луѓето“.

И други познати личности му се придружија на Маск во промовирањето и шегувањето со Доџкоин. Раперот Снуп Дог одговори на твитот на Маск со изменета слика од себеси, нарекувајќи се „Снуп Доџ“.

И додека едни се занимаваат со најновата шега на Интернет, други ги користат криптовалутите за посериозни цели. Тргувањето со акции и криптовалути за време на пандемијата стана поедноставно и подостапно. Во текот на изминатава година, „Пејпал“ (Paypal) им се придружи на другите апликации кои им овозможуваат на своите корисници да купуваат, чуваат и продаваат криптовалути, додека некои од најголемите хеџ фондови во светот исто така започнале со вложување пари на овој пазар.

Етериум, втората криптовалута со највисока вредност по Биткоин, пак, создаде апликации што овозможуваат нови видови на финансиски трансакции. Една од апликациите им овозможува на корисниците да изнајмуваат и позајмуваат криптовалути со плаќање на камати директно помеѓу корисниците, без вклучена финансиска компанија.

Најновите случувања со криптовалутите следуваат по неодамнешното лудило околу акциите на компанијата за видео игри „Гејмстоп“ поттикнати од членови во група на мрежата Реддит.

Криптовалутите за првпат се појавија во 2009 година, кога извесен Сатоши Накамото, чиј вистински идентитет никогаш не беше откриен, ги објави правилата и начинот на функционирање на Биткоин. Со тек на времето, сè повеќе инвеститори стануваа позаинтересирани за Биткоин, бидејќи криптовалутата не е контролирана од ниту една влада или компанија.

Освен Илон Маск, меѓу поборниците за Биткоин во моментов е и Џек Дорси, извршниот директор на „Твитер“ (Twitter) и „Сквер“ (Square). „Сквер“ кон крајот на минатата година инвестирал 50 милиони долари во Биткоин, додека Дорси честопати објавува твитови за квалитетите на криптовалутите, а во описот на неговиот профил на Твитер стои хаштагот #bitcoin.