Министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис денеска изјави дека натпреварот помеѓу големите сили, а не тероризмот, е сега во фокусот на американската одбранбена стратегија, пренесува „Би-би-си“.

Зборувајќи во Вашингтон, Матис рече дека САД се соочуваат со „растечки закани од ревизионистичките сили, како што се Кина и Русија“, кои сакаат да „создадат свет во склад со нивните авторитарни модели“.

– Ќе ја продолжиме кампањата против терористите, но натпреварот меѓу големите сили, а не тероризмот, сега е во фокусот на американската национална стратегија – рече Матис, претставувајќи ја новата одбранбена стратегија на САД.

Тој, исто така, апелираше до Конгресот соодветно да ја финансира војската и да се воздржи од кратења во федералниот буџет на САД.

Заменик-помошникот на министерот за одбрана, Елдриџ Колби изјавил дека Русија е многу подрска од Кина во користењето на воена моќ, пред се со анексијата на Крим во 2014 година и со помошта што ја дава на сирискиот претседател, Башар ал Асад.

Сепак, Москва има ограничени економски ресурси, додал Колби, додека Кина, од друга страна, ја опишал како сила која е во подем и економски и воено.