fbpx

Тереза Меј со најголема предност во трката за наследник на Дејвид Камерон

-

Британската министерка за внатрешни работи, Тереза Меј, има голема предност пред својата најблиска конкурентка, Андреа Лидсом, во внатрепартиската трка за наследник на премиерот Дејвид Камерон, но оваа трка е засенета од повлекувањето на инвеститорите и од падот на британската фунта.

Тереза Меј, која се залагаше за останување на Велика Британија во Европската Унија, освоила 165 гласови, а Андреа Лидсом, застапничка за излегувањето и државна секретарка за енергетика – 66 гласови. Од другите кандидати за наследник на Камерон на лидерската функција во партијата, а со тоа и на премиерската, евроскептичниот министер за правда, Мајкл Гоув, доби поддршка од 48 делегати, министерот за труд и пензиски систем Стивен Краб – 34, а поранешниот министер за одбрана, Лиам Фокс, испадна од трката освојувајќи само 16 гласови во првиот круг од изборите што се одржаа во вторникот.

Конзервативните пратеници, вкупно 329, гласаа вчера за да го елиминираат најмалку популарниот кандидат, а слична постапка ќе биде повторена и в четврток. Потоа претстои уште едно такво гласање, на 12 јули, за на крајот да останат два кандидати, а 150.000 членови ќе изберат еден од нив за наследник на Камерон до почетокот на септември.

Вонредните избори во владејачката Конзервативна партија беа објавени по оставката на актуелниот челник на партијата и британски премиер Дејвид Камерон, поднесена откако на 23 јуни на референдумот мнозинството Британци одлучија нивната земја да ја напушти Европската Унија. Камерон, кој се залагаше за останување на Обединетото Кралство во ЕУ и преговараше со Брисел за отстапки кон Лондон, најави дека на својот наследник ќе му го препушти договарањето на условите за напуштањето на Унијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.