fbpx

Теории на заговор се шират и преку јавниот радиодифузер во Црна Гора

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.me се зафати со случај на ширење на теории на заговор во врска со корона вирусот кое се случило во телевизиска емисија на јавниот радиодифузен сервис на Црна Гора.

Во емисијата „Корона! Остани дома“ емитувана вчера на Телевизија Црна Гора гостин бил економскиот аналалитичар Предраг Дрецун. Но во 15-минутниот разговор најмалку простор имало за економски теми, туку во емисијата се пласирале дезинформации и теории на заговор што нивниот промотор ги претставувал како факти, информира Raskrinkavanje.me

Дрецун тврдел дека корона вирусот е лабораториски вирус направен во Канада во 2014 година, поточно во Националната микробиолошка лабораторија во Винипег, која, според него, е првата во светот што го „предизвикала“ вирусот САРС,а потоа со брод со примероци на ебола, ЛПА и корона вирусот е испратен во Вухан. Тој нашол дополнителни „докази“ за својата теорија на заговор во фактот дека директорот на Институтот Винипег, Френк Пламер умрел ненадејно, на 65-66 годишна возраст.

Дополнително, рекол дека откритието на новиот корона вирус, „ослабен корона вирус“ го патентирал Институтот „Пирбрајт“, кој го финансирале Бил и Мелинда Гејтс, што за Дрецун е уште еден „доказ“ за заговор.

Како одговор на ваквите теории на заговор, Raskrinkavanje.me нагласува дека повеќепати досега е демаскирана ваквата теорија на заговор и потсетува дека канадската Агенција за јавно здравство негирала поврзаност на Националната лабораторија за микробиологија во Винипег и избивањето на епидемијата во Кина.

Исто така, го наведува и писмото објавено на 19 февруари годинава во медицинското списание „Лансет“, во кое група научници рекоа дека геномот на вирусот е анализиран во голем број земји и уверено тврдат дека настанал во природата, исто како и многу други патогени“.

Дрецун во емисијата, инаку, се изјаснил и против вакцинирањето, тврдел дека британскиот премиер Борис Џонсон не е болен, дека во декември и јануари многу луѓе во Црна Гора „од нога“ го прележале корона вирусот…

Raskrinkavanje.me потсетува дека во декември и јануари според Институтот за јавно здравје на Црна Гора, во земјата имало епидемија на грип.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...