На Идомени повторно се развива нова тензија меѓу бегалците и македонската полиција. Пред малку, група бегалци повторно почнаа да ја тегнат оградата на македонско-грчката граница за да се направи дупка и да преминат во Македонија.

Македонската полиција за да ги одвлече од намерата, фрли шок-бомби кон бегалците. Интервенираат и специјалните сили на грчката полиција, кои формираа и блок пред бегалците и одат покрај нив.

Поради инцидентот, од безбедносни причини била прекината посетата на претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, на котата 59 на јужната граница.

Според наши извори од терен, тројцата претседатели дошле на околу 50 метри од котата 59, кога биле вратени поради опасност од нови нереди на границата од страна на мигрантите кај Идомени.

На новинарските екипи во Гевгелија од протоколот им било кажано дека претседателите ќе дадат кратки изјави без можност за поставување прашања по предвидената обиколка на граничната линија и на кампот „Винојуг“.

Неофицијално, посетата на тројцата претседатели на јужната граница е прекината од безбедносни причини и тие се враќаат назад во Скопје.

Во моментов поголема група сè уште е собрана околу оградата. Според информациите во Грција, групата која го почнала протестот можно е да се бегалци од Авганистан. Надежите се бунтот да се смири за да се избегнат нови инциденти.

Последните два дена по немирите во неделата, во Идомени беше мирно, без протести и судири со полицијата. Вознемирени од неделните инциденти, бегалците со семејствата почнуваат да го напуштаат кампот, кој сметаат дека веќе не е безбедно место за нивните деца.