По информациите што пристигнаа од иранската новинска агенција „Фарс“, дека два проектила погодиле американски воен брод во Ормутскиот Теснец, сега следува демант од САД, пренесува Ројтерс.
Централната команда на САД соопшти преку објава на платформата „Икс“ дека ниту еден брод на американската морнарица не бил погоден.
„Фарс“ претходно објави дека американски воен брод бил погоден со два проектила додека се обидувал да помине низ теснецот. Потоа следуваше и изјава од иранската државна телевизија.
Иранската морнарица во понеделникот соопшти дека го спречила влезот на „непријателски воени бродови“ во Ормутскиот Теснец, испраќајќи „брзо и одлучно предупредување“, јави државната телевизија.
Цените на нафтата, пак, пораснаа за повеќе од 3% во понеделникот, откако Иран тврдеше дека погодил американски воен брод и го принудил да се повлече од Ормутскиот Теснец.
Акциите на нафтата „Брент“ пораснаа за 3,64 долари, односно 3,4 отсто, достигнувајќи 111,81 долари за барел, откако во петокот паднаа за 2,23 долари. Американската нафта „Вест Тексас Интермидијат“ порасна за 3,40 долари, или 3,3 отсто, на 105,34 долари за барел, по претходен пад од 3,13 долари. Цените на нафтата веќе беа во пораст поради континуирани нарушувања во снабдувањето преку теснецот.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ќе започнат активности за помош на бродовите заглавени во теснецот, но цените останаа над 100 долари за барел, без изгледи за мировен договор и со ограничен транспорт низ оваа клучна поморска рута.
Иранската војска во понеделникот ги предупреди американските сили да не влегуваат во теснецот, нагласувајќи дека ќе „одговори жестоко“ на секоја закана.
Трамп го постави постигнувањето нуклеарен договор со Техеран како приоритет, но Иран сака разговорите да се одложат до завршување на војната и прво да се укинат блокадите на поморскиот сообраќај во Заливот.
Во меѓувреме, британската агенција за поморска трговија соопшти дека танкер пријавил дека бил погоден од непознати проектили додека пловел во близина на Фуџеира во Обединетите Арапски Емирати.
Во неделата, Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници (ОПЕК) соопштија дека ќе го зголемат производството на нафта за 188.000 барели дневно во јуни за седум членки, што е трет месец по ред со зголемување.
Зголемувањето е слично на она за мај, но без уделот на Обединетите Арапски Емирати, кои ја напуштија ОПЕК на 1 мај. Сепак, се очекува овие дополнителни количини да останат главно на хартија сè додека војната со Иран продолжува да го нарушува снабдувањето со нафта преку Ормутскиот Теснец.
