На 09.11.2019 г. во Скопје претставникот на Македонската асоцијација за развивање игри – МАГДА Петар Котевски одржа работилница насловена како „Темната страна на дигиталната технологија“. Пред публика составена и од млади и од повозрасни луѓе собрана во Младинскиот културен центар – МКЦ, тој се осврна на дел од предрасудите поврзани со ризиците поврзани со користењето на интернет и компјутерските игри.

Битолчанецот Котевски работи во индустријата за видео-игри од 2000 година и е еден од основачите на МАГДА. Правејќи паралели со развојот на различни технологии, тој истакна дека е важно запознавање со ризиците поврзани со интернет без тие да се користат како повод за страв и вознемиреност.

„Вообичаена тенденција на луѓето е кога ќе се развие нешто што носи добро на човештвото, како вишокот храна земјоделството, да се појават луѓе што ќе се обидат тоа да го злоупотребат. Затоа со појавата на првите амбари се појавила и потреба да се измислат и првите катанци. На сличен начин, ширењето на интернет доведува до појава на злонамерни хакери, кои многу почесто ја искористуваат невнимателноста на корисниците отколку некои посебни технолошки вештини“, укажа тој.

Во текот на предавањето Котевски дискутираше за предрасудите во врска со видео игрите. Најчеста е дека тие поттикнуваат насилство, што не е потврдено со ниту едно од многуте научни истражувања што испитувале дали има таква врска.

Потоа, Котевски предупреди дека одредени медиуми често шират дезинформации во врска со игрите и интернет, кои го искористуваат поттикнувањето паника кај граѓаните за да добиваат гледаност. Такво е сензационалистичкото промовирање на наводните опасности од „Синиот кит“ и „Момо“, без извршена новинарска проверка за да се утврди дали воопшто постојат тие игри.

Зборувајќи за неговите искуства како родител кој е упатен во психолошките ефекти на играњето, Котевски укажа дека е важно да се внимава на тоа дали видео-игрите поттикнуваат учење и вежбање на мозокот, наспроти оние кои од играчите бараат само стекнување навики за автоматска реакции без комуникација со околината. Во таквите игри свесното размислување е пречка во остварувањето на поставената цел да се помине одредено ниво под притисок на времето.

Како родител, Петар Котевски изјави дека на своите деца не им препорачува долго играње на игри од типот „Ди импосибл гејм“ (The Impossible Game) наспроти тоа што била многу промовирана од популарни јутјубери, или пак „Кенди краш“ (Candy Crush) која ја играат и деца и возрасни. Од друга страна, како позитивен пример тој ја спомена играта „Мајнкрафт“ (Minecraft), која ги поттикнува децата да решаваат разновидни проблеми и учат нови работи.  Според него, најуспешни системи за учење кај денешните деца се оние кои ги користат предностите на технологиите за игри и тоа е тренд кој и натаму ќе се развива.

Даниела Спасовска од МАГДА посочи дека како средство за помош на родителите во земјава, асоцијацијата се залага за воведување на Пан-европскиот систем за категоризирање на игрите ПЕГИ (Pan European Game Information – PEGI) во земјава, за што е потребно директно ангажирање на државните институции.

По работилницата учесниците можеа заеднички да го изгледаат  данскиот тинејџерски филм „Хакер“ во режија на Пол Берг во киното „Фросина“ кој се прикажува во рамките на фестивалот „Синедејс“.