Фото: Влада на РСМ
Автор: Малинка Ристевска Јорданова

По минатото проширување (од 2004 и 2007 година) Европската унија почна постепено да ги вградува политичките критеируми во преговорите. Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права е воведено во преговарачките рамки за Хрватска и Турција во 2005 година, за разлика од поглавјето 24, присутно и во минатото проширување. Пред неполни десетина години (за преговорите со Црна Гора и Србија) Европската унија го воспостави принципот за проширување „Прво темелите“, ставајќи ги поглавјата 23 и 24 во центарот на вниманието и воведувајќи и привремени одредници за нив.

Поглавја и области од кластерот 1: Темели

23. Правосудство и темелни права
24. Правда, слобода и безбедност

Фунционирање на демократските институции

Реформа на јавната администрација

Економски критериуми

4. Јавни набавки
Статистика
Финансиска контрола

Кластерот 1: Темели ќе се отвора прв и ќе се затвора последен во преговорите. Напредокот во овој кластер ќе биде катализатор на напредокот во преговорите воопшто.

Ништо од неговата содржинане е ново за нас. Сите овие области биле составен дел од веќе предолгиот за нас процес на стабилизација и асоцијација. Ново е што стануваат дел од преговарачкиот процес како група, со поизострено следење од страна на ЕУ, но и понагласена улога на државите членки. Ова е осетливо особено во  подрачјата на демократските институции и јавната администрација – новите области од политичките критериуми кои стануваат дел од преговорите, како и поглемиот дел од Поглавјето 23, во кои се работи за примена на стандарди.

ЕУ не може да ви каже кој изборен систем е најдобар за државата, но ќе се повика на оценката и препораките на ОБСЕ-ОДИХР, во која основното е – дали изборите биле фер и демократски. Не може ЕУ да ви каже кој административен систем ќе го примените, ама ќе ви постави како одредници, на пример, ефикасна администрација која ќе постапува еднакво кон секој граѓанин.

Како ќе го постигнеме тоа е наша работа. Меѓутоа, оценката е во рацете на Европската комисија и државите членки, а сите тие треба да се согласат и за тоа кои одредници ќе се постават и дали се тие исполнети. Затоа какви задачи ќе си поставиме во патоказите што ни претстојат како одредници за отворање на кластерот нема да биде едноставна работа. Врз нивна основа потоа ЕУ ќе постави привремени одредници без чие исполнување ниеден друг кластер нема да може да се затвори.

Во насловот на Поглавјето 23: Правосудството и темелни права се содржани две области кое тоа ги покрива, но не и третата – борба против корупцијата. Ново во оваа методологија е што корупцијата се третира хоризонтално – во сите поглавја.

Во Поглавјето 24 правото на ЕУ станува сѐ пообемно во сите области што ги покрива: борба против организаираниот криминал, миграција, азил, борба против тероризмот, борба против дрогата, судска соработка во кривична и граѓанска материја, визна политика, Шенген и граници. Државите членки сѐ повеќе се упатени на меѓусебна соработка во внатрешните работи. Како и порано, клучна во оваа соработка е довербата што државите членки треба да ја имаат меѓу себе, односно меѓусебно – нивните служби.

Иако економските критериуми влегоа во преговорите, барем досега не се наѕира нов пристап кон нив. Економските реформи се содржани во Програмата за економски реформи, (порано претпристапна економска програма) која веќе со години е предмет на дијалог меѓу нашата држав и Комисијата.

Не е изненадување што Поглавјето 18. Статистика е вклучено во овој кластер. Тоа има значење за сите поглавја, зашто за создавање на секоја политика се потребни сигурни податоци. Поглавјата 5 Јавни набавки и 32 Финансиска контрола се веројатно вградени заради поврзаноста со борбата против корупцијата. Додека Поглавјето 5 Јавни набавки има веќе опсежно право на ЕУ со развиени правила на игра, кај Поглавјето 32 повторно се работи за стандарди, кои треба да овозможат солидно финансиско управување во јавните институции.

Споредбата со земјите од регионот кои веќе преговараат (според оценките од годишните извештаи на ЕК, но и пошироките анализи) не покажуваат дека заостануваме зад нив. Напротив. Проблемот е што ни нивниоте оценки за степенот на усогласеност со acquis, a ни динамиката на реформите не се сјајни.

Во ниедна област од Кластерот темели, а впрочем и во другите кластери не почнуваме од почеток. Почеток на преговори не значи почеток на процесот. Напротив, имаме веќе долга историја на реформи – со помал или поголем успех, но за жал – и примери на назадување. Изборот е наш:  дали ќе правиме промени заради промени, ќе маскираме симптоми, или ќе поставуваме и зацврстуваме темели.

Секако во преговорите ќе има многу повеќе планови/патокази, програми. стратегии, извештаи, дебати за нив… Ризикот е во сето тоа да не заборавиме на темелите.