fbpx

Телевизијата не умира, туку еволвира

-

Подемот на стриминг платформите како Јутјуб и Нетфликс, но и социјалните медиуми – Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, каде можат да се најдат најразлични содржини и информации достапни во секое време, неколку години наназад ја доведуваат во прашање иднината на телевизијата и нејзината релевантност како медиум во современиот свет. Бројките покажуваат намалување на популарноста на телевизијата помеѓу конзументите.

Според податоците на агенцијата Ниелсен, која се занимава со испитување на рејтингот на телевизиите, во сезоната 2018-2019 година во САД, во ударен термин телевизија гледале во просек 28,5 милиони луѓе дневно. Тоа е намалување за 20 проценти во однос на податоците од сезоната 2014-2015 година, кога телевизија гледале 35,8 милиони луѓе.

Благ пад на процентот на луѓе што гледаат телевизија може да се забележи и кај нас од годишните извештаи кои ги објавува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ако во 2016 година, во просек телевизија гледале 75,4 проценти од граѓаните, податоците за изминатата 2019 година покажуваат намалување на бројот на луѓе пред екраните, односно дека гледаат телевизија одговориле 70,5 отсто од испитаниците.

телевизија
Фото: Pixabay

Ваквите бројки неколку години оставаа впечаток дека телевизијата како медиум полека го губи своето значење и улога во општеството. Но, корона вирусот се чини ја врати телевизијата на пиедесталот на влијателни медиуми. Во време на светска пандемија и лажни вести кои на социјалните мрежи се шират со голема брзина, се покажа дека телевизијата останува најрелевантен извор на информации. Доказ за тоа се и бројките од податоците на ААВМУ за првиот и вториот квартал од 2020 година, кога после неколкугодишен пад на гледаноста на телевизиите, забележано е зголемување на бројот на луѓе пред екраните.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, вели дека телевизијата не е мртов медиум и објаснува дека само е променет начинот на нивното функционирање поради промената во навиките на луѓето. Додава дека овие медиуми се еден од најглавните чинители во борбата против лажните вести, за што доказ беа случувањата за време на пандемијата со ковид-19.

Бојан Кордалов комуниколог
Бојан Кордалов, комуниколог / Фото: лична архива

„Начинот на кој луѓето доаѓаат до информации е различен од минатото и ќе биде различен и во иднина. Тоа значи дека за разлика од порано кога централните вести на телевизијата биле главни, денес информирањето е променето, информациите се добиваат уште од будењето, се следат во текот па сè до крајот на денот. Мораме да разбереме дека начинот и навиките на луѓето се променети, а со самото тоа и начинот на функционирање на телевизиите. Еден од најголемите отпори против лажните вести за време на пандемијата дојде токму од традиционалните медиуми како телевизијата. Нејзиното влијание можеме да го видиме и од друг аспект. Угледот на министрите и политичарите се градеше токму поради медиумите кои ги пренесуваа прес-конференциите кои тие ги држеа, а видовме дека речиси сите телевизии ги пренесуваа во живо прес-конференциите кои содржеа информации поврзани со корона вирусот“, објаснува Кордалов.

Уредниците на националните телевизии во државата се согласуваат дека овој медиум е примарен избор за информирање на граѓаните.

Програмскиот уредник на телевизија Сител, Ристо Самарџиев, вели дека односот на конзументите и коминтентите кон телевизијата како медиум е променет, но тоа не значи дека таа умира. Според него, веродостојните информации ја задржуваат телевизијата на врвот на електронските медиуми.

Ристо Самарџиев
Ристо Самарџиев, урадник на програма во Сител телевизија

„Мртов медиум можеме да кажеме за печатениот медиум, односно за печатените дневни изданија или пак за плочите и аудио касетите, но ни од далеку за телевизијата. Факт е дека социјалните мрежи земаат добар дел од гледачите, а со самото тоа и добар дел од колачот. Телевизијата е потежок и поеднонасочен медиум, а една од причините е и поставената регулатива, контрола и санкциите во однос на информациите и понудата, на пример за лажни вести, лажни информации и слично. Таквиот тип на закони сè уште не повлијаел на социјалните мрежи и тие за добар дел од корисниците се шарени, позабавни и атрактивни за користење, но во исто време во голема мера се неточни или лажни. Тоа е светски проблем. Поради ова, главен електронски медиум останува телевизијата токму поради поголемата веродостојност на пласираната информација“, вели Самарџиев.

Главниот уредник на телевизија Алсат-М, Адмир Ќосе, додава дека телевизијата е најкредибилен филтер за граѓанинот затоа што влијанието и моќта на веродостојноста кои таа ги има врз поширокото семејство се поголеми од она што може да го понуди некој интернет портал или многуте неконтролирани коментари на социјалните мрежи.

Адмир Ќосе
Адмир Ќосе, главен уредник на Алсат-М

„И покрај тоа што изминативе години сè повеќе се интензивира употребата на социјалните мрежи и луѓето преку нив ги следат брзите и „жешки“ теми и случувања, телевизијата секогаш ќе го чува својот примат поради повеќе причини: од аспект на информирањето би нагласил дека телевизијата е инструмент кој прави синтеза на вестите кои ни се достапни, вкрстувајќи повеќе извори и стории кои не само што му овозможуваат на гледачот да верификува некоја вест, која на социјалните медиуми може да биде и лажна вест, но исто така и да го информира гледачот од сите аспекти или агли на некој определен настан. Сепак, сметам дека овој нов соживот меѓу традиционалната телевизија и медиумите онлајн, кои треба да станат дел од Законот за медиуми, ќе продолжи без прекинување, нема да се доведуваат во прашање едното со другото и сметам дека ако телевизиите работат паралелно и во онлајн светот, токму тие ќе бидат страната која би профитирала повеќе, отколку самите портали“, вели Ќосе.

Уредникот на телевизија Алфа, Методи Алексов, се согласува дека конзументите најмногу ѝ веруваат на телевизијата, но дека е неопходно да се следат и да се биде во тек со промените во начинот на пренесување на информациите.

Методи Алексов
Методи Алексов, уредник во телевизија Алфа

„Телевизијата во Македонија, според сите статистики, останува највлијателен медиум во државата. Македонската публика и натаму најмногу ѝ верува на телевизијата, но тоа не значи дека не треба да се следат современите онлајн текови во известувањето. Алфа се адаптира на сите современи развојни процеси во технолошка смисла и затоа работиме континуирано на усовршување на изгледот и содржината на нашата веб страна. Сепак, интернет телевизиите како алтернатива на традиционалната телевизија, сè уште не се сериозна конкуренција, но тоа не значи дека не треба да се инвестира и на тој план. Се трудиме да сме во тек и да држиме ритам следејќи ги сите технолошки достигнувања“, вели Алексов.

Во однос на рејтингот на телевизиите, Кордалов смета дека е потребно при мерењето на гледаноста на одредени програми да се земат предвид и прегледите кои доаѓаат од видео-платформите на интернет.

„Денеска е потешко да го измериме рејтингот на одредена емисија, информативно издание, дебата и слично, зашто гледањата на овие програми се одвиваат на телевизија, но и на компјутер. Според мене бројот на прегледи на Јутјуб на одредени дебати, емисии, кулинарски шоуа и слично, треба да влезе во рејтингот кој таа емисија или телевизија го има“, вели Кордалов.

Тој додава дека со правилна маркетинг стратегија, телевизијата може да го искористи интернет просторот во своја полза.

„Јас би порачал од комуниколошки аспект да се најдат начини како да се имплементираат концептите кои се важни за социјалните медиуми, како на пример, граѓанин-новинар, но и поголемо вклучување на гледачите во програмата. Социјалните медиуми можат да ги користат многу почесто за да прашаат што е она што граѓаните очекуваат да го видат на телевизија. Тоа многу ќе им помогне, во денешна ера на интернет може многу лесно да следите што е хит, што привлекува внимание и слично“, додава Кордалов.

И покрај тоа што се веродостоен извор на информации, македонските телевизии во новата сезона нема да понудат ништо ново. Турските серии и политичките дебатни емисии остануваат да зрачат во ударен термин на повеќето национални телевизии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...